Наредната сабота започнува Т`к Так Фест!
„Т’к Так Фест“ и годинава ќе го шири идеалот на прерано починатата рок легенда Трајко Каров за промоција на рок музиката и младите рок музичари.
На 7 и 8 јуни од 21 часот на стадионот на спортскиот центар „Јасмин“ ќе настапат македонските рок легенди, кои во негова чест ќе бидат дел од првата фестивалска вечер. Ќе се промовираат и младите бендови, кои освен за првите три награди, ќе се борат и за Гран При наградата „Трајко Каров“ која се доделува на најдобриот тапанар.
Селекционата комисија на фестивалот која и годинава е составена од еминентни македонски музички имиња, одлучи годинава во натпреварувачкиот дел кој ќе се одржи на 8ми јуни да настапат рок бендовите „Ептен“, „Night Ride“, „Smoke Shakers“, „PM Band“, „Рок Банда“, „Тони“ и „The Autor“.
Покрај нив, во втората вечер ќе уживаме во настапите на Ди Митров, Мелов и DJ Buli, потоа бендот Визија, кривопаланчаните Вертиго, и ѕвездите на вечерта, македонската рок атракција „Ареа“.
За потсетување, првата вечер ќе започне со настапот на „Тоа е тоа“, свој кам бек на сцената ќе има легендарната охридска група Камелеон, веднаш по нив ќе следуваат настапите на битолчаните БТ Топ и на Сале и С.Р.В. бенд, а првиот фестивалски ден ќе биде затворен со целовечерниот концерт на најславниот кавадаречки рок состав на сите времиња, Токму Така предводен од Бубо Каров.