Игри кои собираат лозинки
Две игри na Tinker Studio се повлечени од Google Play Store, затоа што на корисниците им ги украле податоците за пријава на Facebook.
Cowboy Adventure е преземена нешто над половина милион пати, а Jump Chess околу пет илјади пати. Но, двете игри се повлечени од Google Play Store, а секој оној којшто има инсталирано барем една од овие игри, треба да си ја смени лозинката на Facebook.
Словачката антивирусна компанија ЕЅЕТ, прва забележа дека нешто не е во ред. Еден од истражувачите, Лукас Штефанко, забележал дека неговата игра чудно се однесува. Иако сме навикнати на тоа многу од игрите да бараат дозвола за пристап на Facebook, каков што бил и случајот со играта Cowboy Adventures, многумина ги користат само за статистички цели.
Штефанко открил дека Cowboy Adventure собира податоци од корисниците на социјалната мрежа и дека ги складира на сервер којшто се наоѓа во Панама.
ЕЅЕТ ги истражи и другите игри, сфаќајќи дека истата работа се повторува. Кога ги истражиле кодовите во игрите, увиделе дека дел од кодот во себе содржел виетнамски текст. Тешко било да се утврди и каде се лоцирани девелоперите на игрите и што точно прават со собраните податоци.
Од компанијата велат дека е можно да не станува збор за хакери, но сепак станува збор за криминалци.