Франција ја активираше 5G мобилната мрежа
21.11.2020
Франција ја лансираше петтата генерација мобилни мрежи (5G), а првите фреквентни активации се резервирани за корисниците кои претходно се претплатиле на услугата.
Локалните медиуми јавуваат дека мобилната мрежа 5G е достапна во области каде телекомуникациските компании инсталирале 500 тест антени и само во девет големи француски градови.
5G мрежата е долгоочекувана технологија, но исто така се промовира и како технологија што ќе ја продлабочи борбата против климатските промени, пренесува новинската агенција Анадолија.
Во изјавата на веб-страницата, извршниот директор на американскиот мобилен оператор Веризон, Ханс Вестберг, рече дека 5G има потенцијал да ја намали сегашната потрошувачка на енергија до 90 проценти.
Тој додаде дека поефикасно користење на електричната мрежа ќе промовира употреба на чиста и обновлива енергија.
Извршниот директор на Оринџ, Стефан Ричард, за француската медиумска куќа РФИ изјави дека проширувањето на 5G мрежата ќе биде бавен процес.
„Оваа зима мрежата нема да биде проширена на голем број корисници. Тоа е темата за 2021 година, особено во нејзината втора половина”, рече Ричард.
Француските регулатори предвидуваат дека до 2022 година, секој оператор мора да инсталира 3.000 преносни кули, проширувајќи ги на 8.000 репетитори во следните две години, и вкупно 10.000 предаватели до 2025 година.
Мите Јаначков