Пролет во февруари – дали е тоа здраво?
Наглите климатски промени се сè поприсутни и на нашето поднебје, а често се проследени со извештаи од Итната помош кои укажуваат дека поради температурните разлики има многу интервенции кај лицата со срцеви заболувања, психички лабилните лица се повознемирени од обично, астматичарите имаат најмногу тегоби…
Науката докажала дека ниту физичките и психички здравите лица не се имуни на промените коишто се случуваат во атмосферата.
Главоболка, несоница, вознемиреност, чувство на замор се најчести проблеми коишто се јавуваат поради наглите промени на времето.
Во зависност од влијанието на времето, постојат 13 групи на болни кои се мошне чувствителни на временските промени, меѓу кои се ревматичарите, астматичарите, лица со срцеви болести (ангина пекторис, висок крвен притисок), оние што имаат чир на дванаесетпалачно црево и на желудникот, пациенти кои страдаат од разни психички тегоби, пред сè, од психоза).
Според зборовите на лекарите, астматичарите чувствуваат и реагираат во период од три до 48 часа пред да се случат наглите температурни промени и затоа е добро да се знае биопрогнозата, врз основа на која лекарот дава совет како загрозените лица што побезболно да го надминат периодот што надоаѓа.
Советите, главно, се сведуваат на тоа овие лица да останат дома, да не одат на патувања, да не се заморуваат со тешки физички или психички работи, како и да ги земаат препишаните лекови.
Лицата кои се склони на психички тегоби можат тие денови да земаат лекови за смирување.
Доколку мора да излезете од дома, на пример, мора да одите на работа, користете превозно средство со кое најбрзо ќе стасате до одреденото место, задолжително консумирајте лесен оброк и понесете шише вода.
Храната е многу битна во текот на овие „тешки денови“, а лекарите советуваат да се зголеми внесот ма овошје, зеленчук, како и многу течности. Избегнувајте алкохол и вештачки, зашеќерени сокови.
Извор: Плусинфо.мк