Значаен успех на млади македонски стрип автори во Белград
На објавениот конкурс на Интернационалниот стрип фестивал „САЛОН НА СТРИПОТ“ во Белград, ученичката Калина Печевска од Скопје ја освои наградата „МЛАД ЛАВ “ за најдобар учесник во категорија до 15 години а Марија Стојановска,студент од Скопје е добитник на специјална награда од издавачот „СИРИУС ПРОДУКЦИЈА“ од Србија. И неколкумина македонски автори, пред се од помладата генерација, влегоа во изборот на 100 стрипа кои ќе бидат изложени на фестивалот .
Тоа е значаен успех за македонскиот стрип.
– Стрип центарот на Македонија од порано практикува организиран настап на вакви меѓународни конкурси и фестивали,што како пракса почнавме да ја интензивираме и прошируваме.Конкретно, испраќаме стрип дела на лица со кои соработува Стрип центарот на Македонија. Станува збор за млади стрип автори. Но , морам да го истакнам реалниот факт дека македонската стрип сцена недоволно е застапена на вакви настани во странство. Во моментов освен на фестивалите во Лесковац и Призрен,што се ревијална смотра, поискусните стрип автори не се решаваат да ги одмерат силите на бројните други конкурси.Да бидам до крај конкретен. И учеството на конкурсот на салонот во Белград драстично е намалено од нивна страна. Како и да е , ние како македонски стрип центар продолжуваме со активности за афирмирање и јакнење на стрип културата дома, рече проектниот координатор Томе Трајков.
Интернационалниот стрип фестивал „Салон на стрипот“ во Белград, што започна вчера, на 28 Септември и ќе трае до 1 Октомври, го организира Студентскиот културен центар на Белград. Од Стрип Центарот на Македонија најавија дека по учеството на оваа реномирана културна манифестација во соседна Србија дека во сабота, на 30 Септември, ќе земат учество и на стрип изложба со наслов „Во Македонија има стрип автори“ во Крива Паланка, организирана од Градскиот музеј./У.Ј