Премиера на претставата за деца „Волшебникот од ОЗ“ на велешки театар
По подолго време велешки Театар подготви претстава за деца. Тоа е „Волшебникот од Оз“ базирана врз ликовите од детската книга „Прекрасниот волшебник од Оз” на Л. Френк Баум, според која е направен и светски познатиот филмски мјузикл во 1939 година. Претставата ја раскажува авантурата на девојчето Дороти кое од својот роден Канзас залутува во волшебната земја од приказните наречена Оз. Сакајќи да се врати дома, по патот што води до големиот волшебник, Дороти ги запознава своите идни пријатели страшилото, лимениот дрвосечач и лавот. Заедно со нив успева да ги совлада сите пречки поставени од лошата вештерка од Запад. „Волшебникот од Оз“ е претстава за универзалните човечки особини, како што се мудроста, способноста да се сака и храброста.
Драматизацијата е на Катерина Момева. Режијата на Александар Ивановски. Сценографијата на Филип Коруновски и костимографијата на Катерина Чукниева.
Во „Волшебникот од Оз“ настапуваат актерите: Талија Настова која ќе го толкува ликот на Дороти, Фаик Мефаилоски, Васил Зафирчев, Марија Стефановска, Александар Велјановски, Маја Љутков, Кети Борисовска и Драгана Босниќ.
Претставата е наменета за најмладата театарска публика во градот. Премиерното прикажување е закажано за среда, 8 ноември со почеток во 13.30 часот на големата сцена на театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ во Велес./У.Ј