Прва изложба на дела на талентирани ученици на гимназија „Кочо Рацин“ во Велес
Во над 160 создадени уметнички дела, учениците од гимназијата „Кочо Рацин“, ги искажаа доживување на просторот и времето како и љубовта кон природата, животот и вселената. Младите уметници користеа повеќе ликовни техники како темпера, акварел, графика и друго. Тие се ученици во прва, втора и трета година кои поседуваат талент за уметност. Делата ги создаваа под менторство на својот професор по ликовна уметност професорот Крсте Шупев.
– Создадените дела што ги излагаме се краен производ на наставната програма што ја работевме во текот на целата учебна година. Изложбата му ја посветивме на прерано починатиот колега и секако професор по ликовна уметност Трајче Михов. Овие дела на талентираните ученици во себе содржат цела приказна што секако треба да ја одгатнат љубителите на овој вид уметност што ги покануваме да ја разгледаат изложбата, рече професор Шупев.
Ова е прва ликовна изложба на млади таленти во градот.
Изложбата ја отвори д-р Анита Василкова Мидоска, директор на Народниот музеј во Велес. Таа не пропушти да ја нагласи креативната моќ на младите уметници.
Свеченото отворање на изложбата беше збогатено со перформанс на учениците со стихови на Радован Павловски./У.Ј