Академскиот сликар Крунислав Стојановски со самостојна изложба во Ликовен салон во Велес
Од неколку сегменти на созададеното дваесет годишно творештво на академскиот сликар Крунислав Стојановски е составена изложбата со која се преставува пред љубителите на ликовната уметност во Ликовниот Салон во Велес. Поставката е само дел од вкупно четиристотини слики создадени во Хрватска, каде Стојановски студирал, живее и твори, во изминативе две децении. Уметничките слики со кои се претставува пред велешани се дел од неговите осум циклуси со теми кои биле предмет на негов интерес како што се малиот, обичен човек, заштита на природата како и анти воени ликови.
„Иако е образуван во Загреб, по европски академски стандарди во творештвото на Стојановски може да се почувствува Македонија. Благодарејќи на Дирекцијата за култура и уметност за прв пат имаме можност да го видиме творештвото на Круно, кое што и не е така мало. Круно работи во повеќе а ова се само по неколку слики од сите циклуси, би рекол осум плус еден на лица и портрети кои можеме да ги поврземе. Јас оваа изложба би ја нарекол постмодерна затоа што содржи повеќе стилски определби. Круно примерно тргнува со ликовите, портретите на луѓето со што неговата уметност можеме да ја наречеме општествено, социјална и еколошка. Почнува да создава во 1994 година, во времето на ужасите на војната во поранешната наша држава и притоа говори за обичниот мал голем човек. Следни циклуси се „Кристали“, „ Земја“, „Енергии“ , „Рељефи“, “Меандри“, “Простори“ и „Калевала“ на кои пренесува она што го гледа,“ рече кураторот Горан Јовановски, ликовен уметник и графички дизајнер во Националната галерија на Македонија.
Поставката пред велешани имаа можност да ја погледнат љубителите на ликовната уметност во Прилеп, во Куманово и во Кавадарци. Академскиот сликар Стојановски е задоволен од интересот на граѓаните.
„ Ова се слики создадени на теми кои предизвикале кај мене интерес како што се малиот човек, заштитата на природата, на анти воени лица кои по последните случувања кај нас во Македонија е исто така актуелен бидејќи зборува за помирување или спасување, самоспасување и на најблиските од секаков вид на конфликти и секако улогата на уметникот е да помирува и би сакал така да го сватите тој циклус во ова време на актуелни случувања во Велес и во останатите градови во Македонија. Лично многу ми е значаен еколошкиот циклус, за заштита на природата, на Охридското езеро и на се што имаме околу нас. Во последниот циклус „Меандрите“ кој не е спомнат, всушност е концептуален и преставува критика за глобализацијата што ни се случува,“ рече авторот Стојановски.
Изложбата на академскиот сликар Крунислав Стојановски велешани ќе можат да ја видат во наредните четиринаесет дена во Ликовниот салон. Уметничките дела се создадени како резултат на сликарскиот правец експресионизам што како стил е одлика на влијанието на загребската академија на која авторот се образувал. Во творештвото на Стојановски може да се препознае и влијанието на неколкумина врвни македонски уметници а меѓу нив Мазев и академик Чемерски.
Академскиот сликар Крунослав Стојановски себе си се смета за ЕКГ мерач на општеството во кое како што медицинскиот апарат ги мери отчукувањата на срцето и ги одбележува на хартија така тој се што ќе доживее го слика со бои на платна.
Тој е роден во 1969 година во Скопје каде завршил средно училиште и во 1992 година дипломира на Ликовната академија во Загреб, Хрватска во класата сликарство на професорот академик Ѓуро Седер. Тој дипломира Public Art на SOMMERAAKADEMIE во Салзбург, Австрија. Стојановски од 1997 година е член на Хрватското друштво за ликовни уметници а од 2004 година на Хрватската заедница на самостојни уметници. Тој е иницијатор на Договорот за соработка меѓу министерствата за култура на Македонија и Хрватска.
Добитник е на наградите UNICEF и на RedBuul (2003). Досега творештвото на Стојановски е претставено на повеќе од 40 самостојни и 50 групни изложби во светот./У.Ј