Промовирана монографијата „120 години гимназиско образование во Кавадарци“
Монографијата која содржи факти и податоци за растот и развојот на кавадаречката гимназија во период од 120 години, синоќа беше промовирана во кино салата на домот на културата „Иван Мазов Климе“.
Автор на истата е професорот во пензија Добре Ставров кој долги години работеше во ова училиште и беше на раководната позиција, а издавач е музеј – галерија Кавадарци.
Оваа книга дава можност од гледна точка на денешните мерила и критериуми, уште еднаш критички да се согледа и осветли изминатиот период од работата на училиштето, да се согледаат резултатите и на основа на тоа да се определат новите задачи на делување, со обврска да се сочува и понатаму да се унапредува неспорната и призната традицијата на училиштето кое 120 години успешно ја обавува својата образовно воспитна културна и општествена мисија.
Монографијата е поделена во четири глави, кои содржат повеќе од стотина подглави во кои се обработени значајни податоци од постанокот и работењето на гимназијата во сите изминмати 120 години.
„Со сиот респект кон вредностите на историското наследство на својот крај, авторот на овој труд си поставил сериозна задача, да разработи една значајна материја, поврзана со образованието и историјата на бездруго најзначајната образовна институција во Кавадарци, гимназијата“ рече директорот на музеј – галерија, Петре Камчевски.
Во монографијата е опфатено времето од воведувањето на гиманзиското образование во далечната 1893 година па се до 2013 година, што претставува период од 120 години историја на гимназијата, а воедно и историја на развојот на образованието во Кавадарци.
„Монографијата е посветена на сите ученици, професори и други вработени во гимназијата кои придонеле, оваа најстара и најпрестижна воспитно образовна установа за средно образование, низ изминатите 120 години да биде столб на просветата, културата, науката и уметноста во Кавадарци, јадро на градската интелигенција која е носител на општествено политичкиот и економскиот подем на своето време“ истакна авторот на ова значајно дело.
Ангел Данов