Заврши реконструкцијата на Спомен Костурницата во Велес
Нема повеќе да прокиснува покривот и да тече вода во Спомен Костурницата во Велес. Поставена е соодветна изолација на кровната конструкција и надворешниот дел на споменикот. Целосно е санирана и внатрешноста на објектот а реконструиран е и мозаикот на Петар Мазев. Со четири и пол милиони денари, пари од министертсвото за култура, завршена е реконструкцијата на ова спомен обележје на градот. Увид во завршените работи на Kостурницата денеска направи министерката за клултура Елизабета Канческа Милевска, за едно со директорот на Конзерваторскиот центар Мемет Селманми. Внатрешноста на Костурницата ќе ја красат уште четири скулптури на Станко Павлевски, за чија санација пари ќе издвои министерството за култура.
„Во изминатиов период интензивно се работеше на санација на Спомен Костурницата во Велес со цел да се заврши екстериерно и ентериерно. Се инјектираа сите отвори бидејќи станува збор за специфичен објект. Значи се користеаа најсоодветни материјали за изолација на објектот и се надевам дека овој белег на градот ќе си го добие своето значење за градот и граѓаните“, рече Канческа Милевска.
Во три фази се реновираше Спомен костурницата во Велес. Во првата фаза се реконструираше поприлично оштетениот надворешен дел на објектот и кровната конструкција, кој направи штети и во внатрешноста на костурницата.
„Го решивме проблемот со протекување на вода во Спомен костурницата со тоа што применивме нов вид на изолација, потоа ја средивме и внатрешноста, ги варосавме ѕидовите одвнатре а го реконструиравме и мозаикот на Мазев. Се надевам дека проектот е успешен“, рече директорот на Национален Конзерваторски центар Мемет Селмани.
Министерката Канческа Милевска најави дека годинава ќе се врши конзервација на фрескоживописот на црквата Св. Пантелејмон во Велес, а нови фасади ќе добијат и две куќи од старото градско јадро./Д.С