Почит на Рацин на Лопушник – заврши првиот планинарски марш во чест на поетот
По шест денови учество во планинарски марш од Велес до Лопушник, посветен на великанот Коста Солев Рацин, тринаесетте македонски планинари заедно со шестмината учесници задолжени за логистичка поддршка, како и учесниците во одредени рути, во четвртокот, на 13 јуни ,пристигнаа на местото на трагичното загинување на Рацин. Тие испешачија рута долга 170 километри поминувајќи низ населени места во општините Велес, Чашка, Долнени, Македонски Брод, Пласница и Кичево, за да го промовираат делото и значењето на Рацин низ овој дел на државата.
– Мотивот на маршот е да не се заборави најголемиот и најпреведуван македонски поет и еден од најсветлите ликови во нашата историја. Се уште живееме во реалноста за која пишуваше и живееше Рацин. Се потсмеваме на искрената љубов, и ги стигматизираме сиромашните и социјално нееднаквите. Неговите стихови не потсетуваат на нашата несовршеност и се уште неоткриен и неискористен потенцијал за искрена и безусловна љубов. Рацин останува да биде совршен спој на минатото и иднината во чиј лик и зборови можеме долго да гледаме без да ја наведнеме главата, рече Игор Смилев претседател на ЕГ „Грин Пауер“. Еколошката групација ќе предложи „Маршот за Рацин“ да стане традиционален.
На Лопушник, на учесниците на маршот, им се приклучија .делегација од Општина Велес предводена од градоначалникот Аце Коцевски, претставници на Општина Кичево, Сојузот на борците, на АРМ, на јавни институции и организации. Тие, положија свежо цвеќе и запалија свеќи на спомен обележјето посветено на Рацин.
Во чест на основоположникот на современата македонска литература беа читани негови стихови како и наградени творби на ученици од ООУ “Славко Лумбаровски” од општина Новаци. Училиштето, наградените како и сите пристигнати ученички творби, од наградниот литературен конкурс кој во чест на Кочо Рацин го распиша на тема „Твојот живот – наша светлина“ ги собра во училишна стихозбирка. Опеаната љубов на поетот кон неговата муза Раца, љубовта помеѓу луѓето, за која учениците пишуваа, како и почитта што ја негуваат кон ликот, делото и творештвото на Кочо Рацин, претставуваат голем поттик за младите генерации во државата, констатира учесниците на годинешното чествување на Лопушник. Во нивните сеќавања се врежаа и зборовите на учесник од Кичево, кој самоиницијативно се приклучи на маршот, а ги изговори пред спомен обележјето: „Рацин е единствен што не обединува сите“.
Во маршот, со кој се одбележа 76-годишнината од загинувањето на револуционерот, поет, великанот Коста Солев Рацин учествуваа планинари на планинарските клубови и друштва ЗПЗП „Козјак 2013“ од Куманово, „Анапурна“ и „Петрикор“ од Скопје, „Волчко“ и „Турни ме да Кинисам“ од Битола и ЕГ „Грин Пауер“ од Велес. Маршот финансиски го поддржа Општина Велес како дел од програмата на годинешните, „56-ти Рацинови средби“./У.Ј