Советот утврди повисоки цени за зонското паркирање што треба да започне во Кавадарци
Владеачкото мнозинство во кавадаречкиот совет денеска утврди нови цени кои ќе треба да ги плаќаат кавадарчани за зонско паркирање, по започнување со реализација на проектот за јавно приватно партнерство. За еден час паркирање во периодот од 07 до 24 часот ќе се плаќа по 30 денари, а секој нареден час ќе биде поскап за 10 денари од претходниот. Наместо до 22 часот, зонско паркирање согласно денешната нова одлука на советот ќе се плаќа до 24 часот.
За ваквите измени во одлуката гласаа советниците од владеачкото мнзоинство, додека опозицијата беше против. Тие понудија амандман кој предвидуваше за зонско паркирање кавадарчани да плаќаат до 21 часот и тоа 20 денари за првиот час паркирање во прва зона, 15 денари за еден час во втора зона и 10 денари за паркирање еден час во третата зона. Амандманоит беше одбиен со 11 гласа, по што следеше усвојување на одлуката за повисоки цени.
Советниците од опозицијата во своите дискусии нагласија дека Кавадарци ќе има најскап паркинг во земјава.
„Ние не сме против зонското паркирање. Ние сме поротив моделот за јавно –приватно партнерство. Сметаме дека најдобро е да се формира јавно претпријатие и парите од паркирањето да влегуваат во буџетот, а потоа индиректно да им се вратат на граѓаните.“ рече советникот Горан Белевски и апелираше до советниците од власта да внимавале како ќе гласаат за цените, бидејќи требало да се ценат интересите на граѓаните, а не на тендерашите., додаде Белевски.
Против концептот за јавно приватно партнерство беше и советникот Ташо Радњански. И тој изнесе став дека подобро е да се формира јавно претпријатие или паркирањето општината да му го довери на ЈП Комуналец како најуспешно јавно комунално претпријатие во државата.
„Ова е несватливо. Влегуваме во партнерство со имот од над 2 милиони евра, а ќе му дадеме на приватниот партнер да зема по 300 илјади евра добивка, со влог од околу 200 илјади евра“ рече советникот Петров.
Власта не им реплицираше на советниците од опозицијата. Предложената одлука за повисоки цени за зонско паркирање беше изгласана.
Во рамки на 45 тата седница беа усвоени и измените на одлуката за утврдување на комуналните такси во општина Кавадарци кои треба да ги плаќа приватниот партнер кој ќе го добие зонското паркирање.
Во одлуката стои дека за користење на просторот за паркирање на патнички моторни возила, товарни моторни возила, автобуси и приколки на јавни паркиралишта се наплаќа комунална такса во висина од 12% од цената на наплатената услуга за користење на просторот за паркирање.
Опозицицијата пак, со амандман предложи комуналната такса да биде 20% од цената на наплатената услуга за користење на паркинг просторот. Амандманот на опозицијата не беше прифатен, а мнозинството ја подржа одлуката со која му се намалува комуналната такса на идниот концесионер на паркирањето во Кавадарци.
На денешната седница беа разрешени и именувани нови претставници на општината во управните одбоди на училиштата во Кавадарци и детската градинка „Рада Поцева“. Беа именувани нов претседател и членови на Фондацијата за подршка на мали бизниси Кавадарци.
Опозицијата забележа дека власта сакала целосно да ги партизира и училишните одбори иако образованието е осетлива категорија.
Aнгел Данов