Пеливанова-Вилхелм: „Имотот што го поседувам е стекнат со моја плата и со плата на мојот маж“
Претседателката на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци, Горица Пеливанова – Вилхелм попладнево одговори на обвинувањата изнесени на прес конференција од ОО на СДСМ Кавадарци. Рече дека имотот што го поседувала бил стекнат со нејзината плата и со платата на нејзиниот сопруг кој бил од Франција.
„ Околу лагите искажани за мене и мојот имот, сакам да им објаснам на јавноста во Кавадарци дека имотот е уредно пријавен во Антикорупциска комисија, а за станот кој господата од СДСМ велат дека е „спорен“ (беше пријавен во Антикорупциска, а го нема во катастар) тоа е затоа што сеуште се исплаќа, а од фирмата од кој е купен сеуште не е префрлен на мое име. За јас да бидам отчетна кон граѓаните и тој стан го пријавив во Антикорупциска, кој поради мојата јавна функција законски морам да го пријавам секој мој имот“ рече Пеливанова-Вилхелм и нагласи дека била посебно горда што нејзиниот сопруг одлучил да живее и инвестира во Македонија.
Пеливанова- Вилхелм на прес конференцијата рече дека ги истражувале и имотните листови на советниците од СДСМ. Имало советници кои не доставиле имотни листови до Антикорупциска. Не спомена за кои советници се работи, а нагласи дека дополнително ќе и објаснела на јавноста поради кои причини не го пријавиле имотот во Антикорупциска.
„Згрозена сум од начинот на кој што СДСМ сака да поентира меѓу граѓаните, а посебно кај лозарите. Тешко ми е кога гледам дека шират лаги и манипулираат со податоци, наместо да лобираат особено кај откупувачите кои во нивно време им ги дадоа откупувачките центри само затоа што биле послушници на СДСМ. Почитуван претседателе на СДСМ во Кавадарци. Повторно ништо нема да направите со ова. Само ги подгорувате проблемите на лозарите. Само им ветуваат дека ако гласале за СДСМ, мед и млеко ќе тече после тоа“ рече претседателката на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци и претседател на советот на општината.
Таа потенцира дека за разлика од СДСМ, сите функционери на ВМРО-ДПМНЕ од Кавадарци биле во секојдневни разговори со лозарите и владата за решавање на проблемот на лозарите со откупот на грозјето.
„Жал ни е што господата од СДСМ тераат политики на лаги и манипулации, наместо да помагаат и да лобираат особено кај откупувачите кои имаат тесни релации со нив. Денес и тие се дел од оваа Влада и пак ништо не превземаат, но народот памети и ќе се искаже на 11 декември“ рече на крајот на прес конференцијата Пеливанова-Вилхелм.
A.Д