Магистри и доктори на науки чекаат работа во Кавадарци
Во евиденцијата на Центарот за вработување има магистри и доктори на науки кои го чекаат своето вработување, потврди денеска раководителот, Благој Борисов. Тој не го знаеше нивниот точен број, но рече дека ги има и овие високообразовани луѓе.
Кавадарци е лидер по бројот на вработени во земјава, информираше тој денеска на прес конференција на која изнесе аналитички податоци дека во период од 10 години, од 2006 до 2016 во Кавадарци невработеноста била намалена за околу 5000 луѓе. Според него успехот во намалувањето на невработеноста се должел на активните мерки и политики за вработување што ги нуди државата.
„Аналитички гледано во периодот од 2006 до 2016 година Кавадарци е на прво место по намалувањето на бројот на невработени. На крајот на август 2006 година имаше 8763 невработени, а веќе во август годинава бројот на невработени е намален на 3737 лица. Стапката на невработеност изнесува 9,8%. Од кога дојдов во Центарот за вработување во 2000 година бројот на невработени беше 12.000“ рече Борисов.
Кавадарчани покажале голем интерес за активните мерки и политики кои ги нуди државата. Со проектот „Македонија вработува 1“ биле вработени 307 лица, а биле доставени 400 апликации. 44 лица биле вработени преку проектот „Македонија вработува 2“. Раководителот на Кавадаречкиот центар за вработување нагласи дека проектот „Македонија вработува 2“ ќе биде активен до 28 јуни следната година.
Во моментов во Центарот за вработување се евидентирани 1020 пасивни баратели на работа. Меѓу оние кои бараат вработување се и магистри и доктори на науки. Техничките науки нудат голема можност за вработување – вели раководителот на Центарот за вработување во Кавадарци.
Ангел Данов