Градоначалникот на Кавадарци осуден за изборен поткуп
Основен суд во Кавадарци го прогласи за виновен и го осуди со казна од два месеци затвор градоначалникот на општина Кавадарци Александар Панов. Судот вака одлучи по кривичното дело поткуп при избори и гласање за кое Панов беше обвинет.
При соопштувањето на одлуката, судијата Лазар Нанев рече дека за ова дело предвидена е парична казна или казна затвор до една година.
-Согласно законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, делото се класифицира во петта хоризонтална категорија каде врз основа на податоците за личноста се класифицира во прва вертикала бидејќи е неосудуван досега, за што законодавецот утврдил парична казна од 5 до 120 глоби или затвор од 30 дена до два месеца, рече судијата.
На соопштувата не присуствуваше ни обвинетиот градоначалник ниту неговиот бранител.
Пресудата не е правосилна а осудениот Панов има право на жалба до второстепен суд./У.Ј