73 години слободно Кавадарци
73 години слободно Кавадарци одбележуваат жителите на градот на грозјето и виното. По тој повод денеска делегации од локалната самоуправа предводени од градоначалникот на општината Александар Панов, советници, претставници од Здружението на борците и претставници од младите на СДСМ денеска претпладне положија свежо цвеќе на споменикот на револуцијата на градскиот плоштад.
„На денешен ден, 7 Септември 1944 година единиците на Деветата македонска бригада го ослободија Кавадарци. Бил организиран митинг на кој говореле Најдо Стаменин-Орлов, командант на бригадата и Ристо Сојанов-Железни, политички комесар. Долго очекуваната слобода е многу скапо платена. Во текот на војната загинаа 333 борци и жртви на фашистичкиот терор од општина Кавадарци, а тројца од нив се прогласени за народни херои“ вели Петре Камчевски, кустос историчар и директор на музеј галерија Кавадарци
Честитка до сите граѓани по повод денешниот празник на Кавадарци, упатија градоначалникот Александар Панов, општинските разграноци на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Одбележувањето на 7 ми септември продолжува и вечерва. Советот на општина Кавадарци ќе одржи свечена седница на која ќе бидат доделени седмосептемвриските награди.
На денешен ден во 1961 година, по повод празникот на градот е предаден во употреба споменикот на 12-сте ваташки младинци во Моклиште, а во 1976 година започнува со работа музеј галерија Кавадарци./A.Д