Случај во ООУ „Тоде Хаџи Тефов“: Училиштето и ценарот за социјални работи обвинуваат за дискриминирачки однос на родителите
„ Ученик од прво одделение не може да создаде сериозни проблеми во однос на психичко и физичко малтертирање како што е посочено, за кое до сега од одделенскиот наставник, немаме директни известувања и посочени сериозни повреди и конфликти кои ги предизвикал ученикот“ пишува во реакцијата од ООУ „Тоде Хаџи Тефов“ доставена до медиумите по објавената информација дека ученици од прво одделение се изложени на малтретирање од ученик во истото одделение кое е од семејство во ризик.
„Вчера, во 12 часот откога пристигнале сите родители на претходно закажана родителска средба, е повикана стручната служба. На самата родителска средба, истите се запознаваат со тековните проблеми за посочениот ученик. По ислушувањето од стручната служба е укажано дека проблемот ќе биде разгледан од страна на училишните органи и ќе се донесе одлука за истото, за кое што благовремено ќе бидат извесетни. По завршувањето на родителската средба, група на родители имаа средба и со Директорот на училиштето, на која што е утврдено дека проблемот ќе биде решен како во интерес на посочениот ученик, така и во интерес на останатите ученици и родители“ пишуваат од училиштето и додаваат дека денеска по јавните реакции во медиумите за овој случај се одржал работен состанок на кој присустувале директорот на Центарот за социјални работи Кавадарци, директорот на училиштето, стручните служби во училиштето и во мал групен дом каде е сместен ученикот кој се обвинува дека вршел психичко и физичко малтретирање на ученици. На овој состанок било констатирано дека проблемот ќе бил надминат.
. Апелираме, училиштето да не биде злоупотребувано и да не се користи за насоки и активности кои не се дел од воспитно – образовниот процес на учениците. Училиштето е институција во која учениците се стекнуваат со знаења, вештини и способности, се учат на еднаквост, недискриминација без разлика на пол, боја, етничка, верска или друпа припадност – пишуваат од училиштето.
Со писмена реакција се огласија и од Центарот за социјани работи Кавадарци. Од таму велат дека од страна на родителите било направено грубо кршење на правата и интересите на детето, со дискриминирачки тон во однос на неговиот статус како дете во ризик и со цел да се спречи законски дозволената инклузија на овие деца во образовниот процес и нивното право на образование.
„Преку ваквиот начин на реагирање се воочува загрижувачко отфрлање на посебно ранливи групи на деца, кои од кои било причини се нашле во положба на социјален ризик,а за кои целата општествена заедница е должна да им помогне, подавајќи им рака да излезат од ваквата ситуација“ пишува во писмената реакција од Центарот за социјални работи Кавадарци и се објаснува дека со започнувањето на учебната година и вклучувањето на детето во образовниот процес, меѓу стручните лица од центарот и училиштето има солидна и континуирана соработка. Се превземале мерки согласно законите и надлежностите, а се во интерес на заштита на правата на нивниот корисник и другите ученици во одделението.
Родителите јавно се пожалија дека подолг период нивните деца, првооделенци кои се на возраст од шест години се психички и физички малтретирани од нивни соученик кој е на 9 годишна возраст и е дел од нивното одделение. Родителите во изјавите за медиумите се пожалија дека две деца имале и посериозни повреди. Едно дете било удрено со клоца во пределот на гениталиите, друго имало модрици по главата. Често пробелематичниот ученик, според родителите, им ги оштетувал учебниците и училишниот прибор.
Директорот на училиштето Никола Нешковски, во телефонски разговор ни рече дека препознал политика во целиот случај и негираше дека имало било какви проблеми. Родителите категорично тврдат дека не ги интересира никаква политика, туку реагираат јавно за да ги заштителе децата од психичка и физичка тортура. Се заканија дека ако ученикот не биде преместен во друго одделение дека во недела нема да дозволат да се гласа на избирачките места лоцирани во училиштето.
Ангел Данов