Масовно одбележан празникот Богојавление – Водици во Кавадарци
Голем број верници денеска го исполнија кејот на реката Луда Мара во Кавадарци каде се изврши голем богојавленски водосвет по повод верскиот празник Богојавление – Водици.
Дваесетина момчиња скокнаа во водите на Луда Мара по светиот крст, а среќата прв да доплива до него ја имаше 35 годишниот Глигор Плетварски од Кавадарци. Тој годинава за прв пат скокнал по крстот и им посака здравје на сите кавадарчани.
„Во изминативе десетина дена нешто како да ми кажуваше дека ќе го фатам крстот. Синоќа и неможев да заспијам“ возбудено по фаќањето на крстот рече Плетварски.
Централната богојавленска процесија ја следеа градоначалникот Митко Јанчев, претседателот на советот Ристо Сакалиев, советници и пратеници. Градоначалникот Јанчев честитајќи го денешниот празник нагласи дека Исусовото крштевање ни го покажува патот на човековото живеење и нашето духодно раѓање.
„На овој ден кога се осветуваат нашите води, да ја разбудиме цела добрина во нас. нашите срца и тела да ги исполниме со вера и надеж за разбирање и почитување. Значењето и духовноста на овој ден нека ја продолжат традицијата за празнување на овој голем ден во македонското православие“ рече Јанчев.
Плетварски на подарок од локалната самоуправа доби лап топ и златна плочка обезбедна од локалната самоуправа и златар „Перо“ и тв приемник од аптеки „Зегин“.
На централната манифестација на кејот на реката Луда Мара претходеше водосвет и во храмовите посветени на Свети Димитрија и Света Петка од каде свештениците и верниците со литија се упатија на кејот на реката.
Деветнаесет годинишниот Костадин Петров од село Ваташа ја имаше среќата прв да доплива и да го дофати светиот крст кој свештениците денеска го потопија во осветените води на брана Моклиште.
Петров годинава за прв пат одлучил да скокне по светиот крст заедно со останатите момчиња од Ваташа.
И овде дојдоа голем број верници од Ваташа и Кавадарци да го проследат чинот на осветување на водата по повод Богојавление – Водици.
Петров доби тв приемник, подарок од локалната самоуправа и златна плочка. За храброста и среќата да го фати крстот му честита градоначалникот Митко Јанчев.
Водосвет беше извршен и во водите на Тиквешкото Езеро каде среќата да го извади потопениот крст годинава ја имаше 22 годишниот Никола Ристов од Кавадарци.
Ангел Данов