Во Кавадарци се собираат потписи против изградба на цинкара
Активистите на еколошкото друштво „Еко живот“ од Кавадарци од денеска започнаа да реализираат петиција проитв изградба на цинкара. Се собираат потписи од кавадарчани, кои исто така не се согласни да се изгради објект од тешка загадувачка индустрија.
„Ова е иницијатива на нашето Здружение за заштита и унапредување на животната средина “Еко живот” од Кавадарци. Сакаме со потписи да им покажеме на тие што носат одлуки, дека сме против тешка загадувачка индустрија. Во собирањето на потписи се ангажирани наши активисти, а ја имаме и поддршката од координаторот на НВО секторот, Ненад Јовановиќ. Да не дозволиме понатаму Кавадарци да биде лабораторија и да си играме експерименти со нашата животна средина, затоа што овде живеат голем број на граѓани“ рече претседателот Роберто Паризов.
Првиот екологист нагласува дека и сега Кавадарци, без цинкара е на врвот на најзагадени градови во земјава.
Собирањето потписи следи откако една кавадаречка компанија најави дека е заинтересирана за проширување на асортиментот на производи, но и воведување на нови производи.
Координаторот на НВО секторот во Кавадарци, Ненад Јовановиќ вели дека собирањето на потписи е право на граѓаните кое го имаат загарантирано со Уставот.
„ Со овие потписи ние сакаме јасно да им порачаме на лоакланта власт, на Советот и на градоначалникот дека работиме на терен за да се запре наумот или мислата, дека во Кавадарци треба да има тешка индустрија. Да не се гради цинкара, сакаме чист град“ рече Јовановиќ./A.Д