Интензивирани активности за отворање на граничен премин Пуљевац
Големата желба на многумина кавадарчани да биде отворен граничниот премин Пуљевац наскоро е можно да се исполни. Од општина Кавадарци најавуват дека активностите во таа насока се интензивирани. Заедно со префактурата Пела од Грција ќе бидат доставени иницијативи до двете влади за отворање на овој граничен премин.
Раководителот на секторот за локален економски развој во локалната самоуправа Кавадарци, Тодор Ефремов вели дека е скениран теренот, а е убеден дека овој пограничен премин ќе биде од голема полза за локалниот економски развој во Кавадарци.
„Кавадарци има голем интерес да биде отворен пограничниот премин Пуљевац. Таа иницијатива не е од сега таа е од поодамна. Веќе покренавме иницијативи со кои што би можеле да помогнеме и да го поттикнеме отворањето на овој граничен премин што поскоро. Пред две недели во Преспа во грчкиот град Лемос, имавме заедничка средба на мониторинг комитетот за погранична соработка за последниот ИПА програмски период. Донесовме заклучок од расположливите 10 милиони евра, 4 милиони да одат во инвестирање за пограничниот премин Маркова нога, кој постоел до 1965 година, но потоа од низа причини бил затворен“ вели Ефремов.
Тој објаснува дека со отворањето на овој пограничен премин, патот до Грција за граѓаните на Кавадарци и Тиквешијата ќе биде пократок за педесетина километри, а ќе има и зголемен проток на стоки и услуги, а особено би бил значаен за развој на туризмот.
„Евидентно е дека таму постоел и сеуште постои стар воен пат кој што е направен од калдрма и претпоставувам дека во времето се користел, затоа што тука поминувала една од најважните раскрсници Виа Игнација која го поврзувала цел овој регион. Таму има огромна стопанка активност. Таму се наоѓаат неколку фабрики, особено имаме активности од шумското стопанство – вели Ефремов.
Досега во повеќе наврати имало иницијативи од локалните власти во Кавадарци за овој граничен премин, но резултат немаше. Сега Ефремов е оптимист дека тоа ќе се реализира бидејќи во таа насока е и политичкиот момент со договорот меѓу Македонија и Грција./А.Д