Кавадарци ги зголеми мерките за дезинфекција
Поголем е бројот на пуинктови каде може да се врши дезинфекција на раце низ кавадаречките улици, а исто зголемена дезинфекција и на градските улици. За ова и за целата состојба околу корона вирусот денеска на прес конференција информираше градоначалникот Митко Јанчев.
Тој посочи дека во самоизолација биле 78 лица кои се вратени од некои од земјите со ризик поради корона вирусот.
„ На неколку локации поставени се пултови за дезинфекција на раце на неколку позиции во централното градско подрачје. Од денес тие пултови се прошируваат и им се менува временскиот период. Односно, постоечките 3 пултови остануваат на истите локации, поставен е дополнителен пулт во с.Ваташа и 3 дополнителни пултови во деновите среда , петок и недела на трите влезови на Зелен пазар. Се менува и нивниот временски период , односно пултовите ќе бидат поставени од 13 до 17 часот а во деновите кога функционира Зелен пазар од 9 до 13 часот“ вели Јанчев и информира за воведувањето на уште една олеснителна мерка за старите, болните и изнемоштени лица.
„ Сите изнемоштени , стари и болни лица кои не се во можност да ги извршуваат своите секојдневни обврски можат да побараат помош на телефонскиот број 13 300 кој е достапен 24/7. Во текот на наредниот ден од пријавувањето на овој телефонски број општината ќе им одреди еден волонтер кој ќе им помага во набавката на намирници или други потреби кои се спречени да ги извршуваат. Службите на ЈП Комуналец работат напорно во делот за одржување на хигиената во нашата општина со тоа што сега се врши вонредно перење на речиси сите улици со дезифициент и акцент се става на дезинфицирање на контејнерите и кантите за отпадоци“ вели Јанчев и апелираше до сите жители на Општина Кавадарци да ги почитуваат сите препораки и мерки..
Во врска со состојбата во најголемиот работодавач во земјава, Дрекслмаер, Јанчев на новинарско прашање одговори дека општината е во комуникација со раководството на компанијата и дека таму се превземаат сериозни мерки за дезинфекција на вработените./А.Д