Интензивно се работи на изградба на пешачката патека Ваташа-Моклиште
Објавено на 21 мај, 2020 во 13:53
Кавадарчани и ваташани ќе имаат можност наскоро да пешачат неколку километри или да возат велосипед по новата патека која ја гради општината од Ваташа до Моклиште.
Интензивирани се градежните активности, инфомрираат од локалната самоуправа и додаваат дека ангажираната оператива поставува дел од нисконапонскиот кабел за јавното улично осветлување. Според проектот долж патеката лоцирана непосредно до двата брега од реката Луда Мара. Патеката ќе биде осветлена со 200 лед светилки, секоја со јачина од 40 вати, поставени на 100 метални столбови со двокрака лира на висина од 4 метри.
„ Рекреативната патека ќе биде со широчина од 4 метри покриена со бехатон коцки. Ќе се изградат и 4 метални мостови, а долж трасата ќе се постават и камери за видео надзор“ велат од општината.
Согласно проектот ќе се изградат и 5 попатни станици-одморалишта на локации кои ќе бидат урбанизирани и оплеменети со урбана опрема, како и табли за пинг-понг, фитнес справи и метални конструкции за паркирање на велосипеди.
Инвеститори на овој капитале проект се општина Кавадарци и Бирото за развој на Вардарски плански регион. Вкупната инвестиција изнесува 34 милиони денари./А.Д