Велешките советници од власта и опозицијата во кавга за тоа кој работи за интересите на граѓаните а кој за теснопартиските
Советничката група на Сојузот за иднината се приклучува кон мирните и демократски протести на граѓанските организации и целосно ги поддржувт граѓаните кои бараат сите оние кои се огрешиле пред Законот и Уставот да одговараат пред лицето на правдата. Со овој став советничката група на СДСМ и коалиционите партнери настапиле на последната седница на советот на општина Велес. Опозициските советници се пожалија дека наместо да ги поддржат бидејќи и тие се залагале за истото, колегите советници од ДПМНЕ останале неми.
„Но освен спинување и извртување на фактите и вистината и драматично излегување на пресконференции не ни очекуваме друго од страна на колегите советници од ДПМНЕ. Да ги потсетиме колегите советници од ДПМНЕ дека советничката група на СДСМ и коалиционите партнери брои 10 члена а не 11 како што они презентираат пред граѓаните. Да ги потсетиме ДПМНЕ дека на последната седница ниту еден повторувам ниту еден советник од редовите на ДПМНЕ не учествуваше во расправата по однос точките на дневен ред и немаше никаква дискусија“, рече советникот Борче Павлов.
Со реакција на пресот на советничката група на СДСМ излегоа и од О.К. на ВМРО ДПМНЕ. Тие велат дека наместо да ја искористат можноста и да постават советничко прашање, нивните колеги од СДСМ одлучиле да дејствуваат во корист на теснопартиските интереси.
„Борче Павлов и СДСМ покажаа дека поважно им е да ја исполнат нарачката на деструктивецот Заев и во советот да глумат театар, отколку да сработат во корист на граѓаните. Наместо на денешната прес конференција да се извинат за овие нивни постапки тие само ги повторија ставовите кои ги искажаа во советот, со што уште еднаш потврдија дека партискиот интерес им е поважен од интересот на граѓаните“, рече Живе Катранџиев, ОК на ВМРО ДПМНЕ.