Два нови медицински апарати во велешката болница
Нов апарат за анестезија е ставен во функција во велешката болница. Со него веќе се направени над 20 операции. Болницата набави и апарат за гастроскопија кој ќе биде ставен во функција и во „мој термин“ веднаш по празниците. Со новиот апарат би требало да се прават двојно повеќе дијагностички процедури. Досега само два дена во неделата се правеа овие процедури, отсега тоа ќе може да се прави секој ден. Во посета на велешката болница денеска дојде министерот за здравство Никола Тодоров, лично да с е увери како функционираат новите медицински апарати.
„Ако досега на годишно ниво се правеа 500 дијагностички процедури, отсега со новиот апарат за гастроскопија ќе се прават двојно повеќе. Тоа значи дека за двојно ќе се намали времето на чекање и двојно поголем број на пациенти ќе можат да ја добијат оваа дијагностичка процедура и тоа многу поблиску до местото на живеење, наместо да бидат препраќани во други здравствени установи низ државата“, рече Тодоров.
„Со овие апарати значително ќе се подобри квалитетот на здравствени услуги на пациентите и секако уште еден апарат кој планираме да го набавиме ќе значи позадоволни пациенти“, рече директорот на болницата Атанас Василев.
Министерот Тодоров најави дека во скоро време ќе се изврши целосна надворешна и внатрешна реконструкција на болницата, а потоа ќе се реконструира и инфективното одделение./Д.С