Штрајк на вработените во велешка Колска
Не поминаа ниту два месеци а вработените во велешка Колска повторно ги напуштија работните места и излегоа на штрајк во кругот на фабриката. Се жалат дека плата немаат добиено за март и април а не им била исплатен и дел од декемвриската плата. Освен плати, немаат ниту здравствено осигурување за последните три месеци. На сто триесетте работници не им помогна ниту последниот договор што фабриката го склучи со Македонски железници. Велат со парите што ги добиваат за поправка на вагоните не можат да ги покријат трошоците а камоли да земат плата.
„Со договорот што го склучивме со МЖ излезе дека не можеме да се покриеме , цената на колите е многу мала . На последниот состанок со раководтвото ни кажаа дека било речено „земи или остави“. Со пет илјади евра од кола ние не можеме да се покриеме , значи ние месечно правиме 20 коли а неможеме да земеме плата. Две илјади и шестотини евра нас ни одат во репроматеријали а каде ни се другите трошоци, за плата не останува ништо“, рече претседателот на синдикатот на Колска Слободан Димитриевски.
Вработените во Колска бараат под итно да им се реши статусот и да се направи анекс на договорот со МЖ, да им се исплатат заостанатите плати и да имаат здравствено осигурување.
„Ветуваа дека ќе не припојат кон МЖ но од сето тоа нема ништо со образложение дека Европска банка за обнова и развој не им давала позитивно мислење затоа што земале кредит за новите возови. И железница сега била загубар и затоа ние не сме можеле да се припоиме. И ние не ја знаеме правата вистина, само знаеме дека од ден во ден се повеќе тонеме“, рече Димитриевски.
Штрајкот на вработените во Колска почнал во петокот и ќе трае се до исполнување на нивните барања. Своето незадоволство утре работниците ќе го изразат со мирен протест на железничката станица во Велес./Д.С