Да се запре изградбата на објектот на велешката улица „Архиепископ Михаил“ бараат соседите
Изградбата на објектот без градежна дозвола на улицата „Архиепископ Михаил“ број 77 во Велес ги револтира граѓаните од соседството особено сопствениците на куќи на парцелите околу новоградбата. Откако вчера и во полициска станица најавиле дека својот револт ќе го изразат со запирање на сообраќајот на улицата тие денеска застанаа пред дивоградбата за да соопштат дека нема да дозволат објектот да продолжи да се гради затоа што тој отстапува од габаритот на куќата што инвеститорот претходно ја купил и ја урнал и со темелите и двете плочи што ги поставил сосема се доближил до нивните дворови и домови. Така наместо изградба на објект од 100 сега таму, во близина на основното училиште „Свети Кирил и Методиј“ и градинката, се гради на околу 300 метри квадратни.
– Немаме мир од кога почна изградбата на овој објект чиј инвеститор е фирмата Пантера и напоменувам дека е без дозвола за градба. Се жалевме до инспекциските служби на општина Велес и имаме две решенија, првото од 25 април а второто од 17 јули, во кои дословно пишува дека е наредено отстранување на изграденото на оваа парцела. Додека ние шетавме по лавиринтите на надлежните институции, како медијатор се наметна и градоначалникот на Велес . Тој дојде и првично не убедуваше дека се ќе се заврши само со изградбата на првата плоча и тоа на стотина квадрати на кои беше изграден стариот постоечки објект. Се сретнавме на 19 јуни и во неговиот кабинет по што истата вечер се случи на двајца соседи да им бидат запалени автомобилите, рече Ангел Јанакиев.
Меѓутоа осум дена подоцна на инвеститорот ДОО Пантера му било издадено решение за изградба на помошни простории на парцелата на која веќе бил изграден подрумскиот дел и ставена втората плоча.
– Како може на непостоечки објект да му се издаде решение за изградба на помошни простории? Тој документ се искористи за да се изгради втората плоча. Погледнете убаво и ке видите дека нема помошни простории а градоначалникот продолжи да не убедува дека ништо нема да се изгради надвор од постоечкиот објект. На објектов има две плочи од по 300 м2, додаде Ангел Јанакиев.
Неговите соседи потврдија дека градењето на градбата освен што им го пореметила мирот, настрадале два нивни автомобили, била исечена настрешница од сендвичара исто така била причина да трпат и закани што инвеститорот им ги праќал преку трети лица. Затоа не можеле да ги пријават во полиција.
Овие граѓани на Велес денеска го прашаа градоначалникот Славчо Чадиев зошто општината нема избрано фирма за уривање на дивоизградени објекти во градот и од Основното Јавно обвинителство до кое поднеле кривични пријави за сите инволвирани во случајот побараа да постапат по истите бидејќи се плашеле за сопствените животи.
Тендерот за избор на фирма за уривање на дивоградби завршил и општината набрзо ќе треба да избере најповолен понудувач, одговори на прозивките градоначалникот Чадиев.
– Општината ги запази сите законски процедури во овој случај. Нашата инспекциска служба излезе на лице место, направи записник и констатираше започната градба без одобрение за градење. Донесено е и решение за отстранување на градбата. Но секој има право на жалба. Бидејќи е поднесена жалба до државната Комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор по што до нас е поднесено одобрение за изградба на помошни простории, кое не е одобрение за градба на куќа, општината согласно законот им овозможи во законски рок на сопствениците на околните куќи право да се жалат. Граѓаните поднесоа приговор на решението до второстепена комисија и ја очекуваме разрешницата, рече Чадиев.
Tој додаде дека сега на потег била второстепената комисија која требало да пресече дали ќе има или не понатамошна постапка за овој случај.
Убавка Јаневска