Дрвокрадци од Прилеп ја пустошеле шумата кај село Степанци
Петмина прилепчани на возраст од 19 до 39 години ја пустошеле шумата кај село Степанци во општина Чашка. По спроведена акција на Македонски шуми и шумската полиција од Велес, се фатени вчера на лице место. Прилепчаните биле затекнати во месноста викана „Црници“ во атарот на селото.
Тие со пет патнички автомобили марка „лада нива“, нелегално превезувале пет метри просторни дабови огревни дрва. Полицијата ги одзела возилата и дрвата, а по целосно документирање на настанот ќе бидат поднесени соодветни пријави против сторителите.
Инаку во март годинава во заедничка акција со шумската полиција и Шумското стопанство Бабуна, полицијата фати триесетина прилепчани кои со моторни пили сечеле дабови дрва од шумите во атарот на селата Степанци, Смиловци и Поменово. Нелегално исеченото огревно дрво, од единаесет метри просторни било натоварено во едно комбе и шест автомобили. Пленот бил наменет за продажба на црниот пазар во Прилеп. Седуммина од дрвокрадците беа лишени од слобода.
Даниела Саздова