„Енекод“ побара наместо велешкиот друг суд да одлучува за стечајот на Фени и призна дека купува време за преговори со доверителите
Врховниот ќе треба да одлучи дали велешкиот суд ќе ги испитува условите за отворање на стечајна постапка во кавадаречки „Фени“. Денешното одлагање на рочиштето во Основниот суд во Велес го побара главниот извршен директор на Фени, Рајчо Аљошев Кацаров од бугарската фирма „Енекод“. Тој не одговори конкретно на прашањето дали е подготвен да уплати повисока сума на пари од понудените 3 милиони евра за влезо во кавадаречкиот металуршки комбинат, како што бараа најголемите доверители поточно банките Стопанска, Комерцијална и Сил, но откри нов доверител поточно Управата за јавни приходи која деновиве доставила побарување за неплатени даноци.
– УЈП бара 5,5 милиони евра. Се разбира дека сеуште сум заинтересиран да го превземам Фени но претходно мора да се решат сите овие проблеми и да се дојде до конечно решение бидејќи секој ден се појавува нов проблем. Барањето за изземанње на велешкиот суд е за да се префрли постапката во Скопје поради тоа што стечајниот управник е од Гостивар но во исто време за да може да се добијат петнаесет дена во кои ќе можеме да преговараме со банките, рекоа Кацаров и неговиот правен застапник Дејан Кнезовиќ.
Кацаров и Кнезовиќ не дадоа прецизни одговори на новинарските прашања дали „Енекод“ ќе даде повисока понуда, дали ќе ги задржи на работа сите 850 вработени во Фени и категорично негираа дека занаат за други заинтересирани фирми за влез во комбинатот во кавадаречко Возарци.
– Тоа не би го коментирал, јас други инвеститори до сега не сум видел, рече Кацаров.
За разлика од нив, претседателот на гранковиот синдикат на ССМ за енергетика, индустрија и рударство Пеце Ристевски тврди дека освен бугарската има и други заинтересирани за превземање на Фени.
– Нема тајна јас веднаш ке ви кажам. Тој инвеститор го носи екс директорот на Фени, во времето кога газди беа французите, Жак Масила Мопа. Меѓутоа оние кои ги имаат парите, вистински инвеститор е фирма од Израел. Слушаме дека имало ишвајцарски Фонд но тој до денеска не се претставил пред нас, рече Ристевски.
Тој денешното одлагање на рочиштето го нарече класична злоупотреба со опструкција на Енокод за да ја симне купопродажната цена. Според Ристевски состојбата во комбинатот е загрижувачка затоа што не работи и работниците не земаат плата и во исто време најави дека во договор со синдикалната фабричка организација ќе продолжат методите на притисок со кои работниците ќе си ги бараат своите права. Можни се протести пред Фени или блокади на патот Градско – Прилеп. /У.Ј