Дебата: „Нормален живот и со дијабет“
Дијабетесот не се добива од премногу јадење слатки или чоколади но се добива од конзумирање на нездрава храна и од гојазност. Исто така не се пренесува со тоа што некој ќе ве допре а жените со дијабет стануваат мајки кои раѓаат здрави деца бидејќи веројатноста да биде наследен се кај само од 0,6% до 1% од заболените граѓани. Токму преку едукацијата се руши митот за појавата на дијабетесот тип два што завзема епидемиски размери во светот. Ситуацијата не е поинаква ни во Македонија.
Компликациите можат да бидат страшни само доколку не се применува соодветната терапија назначена од лекар поточно одбивноста од боцкање со пенкало и редовно не се мери шекерот во крвта.
-Јас сум пример за граѓанка која има дијабетес а изгледа нормално, трчам на маратони, патувам низ светот иако ми е дијагностициран на детска возраст а правам се што посакувам. Дијабетесот не е пречка ама баш за ништо. Се што ќе замислите се тоа можете и да направите. Ви препорачувам само да се едуцирате и да барате помош за се што не знаете, рече Рената Јакимовиќ претседателка на здружение „Алегрија“ од Скопје.
Наспроти Рената, новинарот Саше Димовски зборуваше за се што може да му направи дијабетот на лицето што го има. Како лош пример го раскажа сопственото искуство од моментот кога пред осум години му бил дијагностициран дијабет од типот два.
– Кај мене тип два дијабет го дијагностицираа како резултат на стрес предизвикан од еден конкретен и стресен настан. Јас почнав со таблетарна терапија иако ми предложија инсулин а јас не прифатив зошто ми беше незамисливо јас сам да се боцкам со игли и морав на докторка на Ендокринологија да и потпишам дека одбив таков вид на терапија. И користев таблетарна терапија се до пред две години кога ми се појави дијабетско стапало. За тие што не знаат ми се појави жуљ, курје око или незнам се како народски се вика а на клиника во Скопје ме оперираа од циста непрепознавајќи за што станува збор. Таа операција за десетина дена создаде гангрена за да ме информираат дека ќе ја изгубам ногата до коленото. Потоа ми најавија операција за да го отстранат изумреното ткиво од стапалото па ампутација до коленото се додека не го послушав советот на една сестра која ми рече да бегам од клиникава и да пробам на друго место за да не ми ја исечат ногата до колено. Оеративниот зафат бај пас на др Караѓозов во Систина ми овозможи да имам нога што целосно не е исечена. Но јас доживеав нови стресови што се рефлектираа на шекерот а потоа морав да се подложам на две бај пас операции со три стента поради акутен инфаркт годинава во јуни, рече Димовски.
Бидејќи е непушач, кој не конзумира ниту алкохол тој проблемите со срцето му ги препиша на дијабетот за кој рече дека е последица на стресот. Димовски советуваше секој да внимава на стресната состојба и да ја избегнува покрај внимателноста со исхраната и редовното земање на терапија поточно инсулинот.
Присутните на дебатата ги слушнаа и препораките што ги даде Наташа Деспотовска Димитриевска, претседателка на Асоцијација на детски дијабет на Македонија. Таа е мајка на дете со дијабетес која интерпретираше делови од брошурата со наслов: „ Дијабетесот и јавното информирање“ во чија подготовка се вклучила со текст со наслов: „Живот со дијабетес“. Брошурата е издадена пред шест месеци. Најчесто кај децата дијабетесот е од типот 1 или вроден.
– Борбата е долг и трнлив пат како за детето така и за родителот која мора да се бие, порача Деспотовска Димитриевска.
Всушност, во пресрет на 14 ноември – Светскиот ден на дијабетот, целта на дебатата беше да се охрабрат лицата со дијабет и да се подигне јавната свест кај граѓаните затоа што само во Велес постојат 6.000 граѓани со дијабетес. Последните три месеци во градот има ново заболени 70 граѓани со дијабет од типот 2 , рече организаторот Граѓанското здружение „ Лилипоп – шекерче“.
– Една од работите кои најмногу помага со соочување, справување и намалување на дијабетот се споделените лични искуства. Прв пат годинава реализиравме ваков настан за да можеме да ги споделиме сите стресни ситуации за соочување и појавите што ни се случуваат. Младите се многу загрозени од дијабетот и ним им треба едукација за тип 2 . Како здружение имаме пет преддијабетни лица кои мораат да внимаваат на исхрана, на спокоен живот и поголема физичка активност . Во тоа мора да ни помогнат училиштата и наставниците за да успее нашата приказна во справувањето со состојбата кога децата се соочуваат со дијабет. Очекуваме поголем сенс и од градинките затоа што во Велес имаме случај на згрижено дете на возраст од мислам една година, рече Претседателот на „Лилипоп Шекерче“, Димче Велев.
Во вторник на 14 ноември членовите на ова граѓанско здружение во 15.30 часот ќе се соберат на платото кај споменикот Коњаник во центарот на Велес за да ги испорачаат своите барања за подобри услови на живот за дијабетичарите. Час подоцна средношколците од хемиското училиште ќе имаат можност да слушнат повеќе за превенција од дијабет./У.Ј