Помогнати дваесет велешки семејства со храна во граѓанската акција „Помош на оние на кои им требаме“
Единаесет сиромашни луѓе вечерва ќе можат да го прослават Бадник и на своите трпези да имаат гравче, риба и салата. Уште три семејства добија посна, а некои и мрсна храна, за утрешниот голем христијански празник Божиќ. И десет бадникови пакетчиња во кои хумани велешани ставија брашно, зејтин, шекер, риба, овошје, бадеми и ореви се поделени синоќа и денеска на исто толку сограѓани. Петмина сиромашни велешани добија по килограм ипол велешка скара, ќебапчиња и плескавици за Божиќната трпеза. Тоа е епилогот од дводневната хуманитарна акција поттикната од хуманитарката Ленче Здравкин и Фондација за локалнен развој и демократија „Фокус“ што ја поддржа и веб порталот Дума.мк.
На првиот повик се одзваа семејствата Здравкин, Јаневски, Алчеви, Пренџови, Дограмаџиеви и Пивкови.
Фејсбук статусот со апел да се помогне на наши сограѓани кои немаат моќ да приготват бадникова вечера и божиќен ручек го прифатија кафеаната „Боеми“ со сопственикот Трајче Мешков како и месарницата „Микар“ со сопственикот Јордан Камењаров. Тој со по килограм ипол скара, секој месец, ќе ги поддржува петте семејства. Веднаш се јави и пиљарата „Пеми“ со сопственикот Боге Миладиновски. Велешанката Елида Стојменова дома приготви и подари бадникова вечера и божикен ручек за едно сиромашно семејство.
– Им благодариме на сите хумани луѓе со големи срца и добра душа. Тие несебично споделија дел од тоа што го имаат за нашите социјално немоќни сограѓани. Сите имавме една цел, да им ги направиме празниците достојни, да им покажеме дека не се сами, дека има луѓе што мислат на нив и дека секогаш ќе можат да се потпрат на нас. Заедно ќе ја делиме тежината на проблемите и ќе бараме решение. За тоа постоиме, едни за други. ја користам оваа можност да им кажам благодарам на сите добронамерни велешани и да им посакам ним и на сиромашните граѓани здравје, љубов, среќа и благосостојба во нивните домови во оваа 2018 година, рече Ленче Здравкин.
Кафеаната „Боем“ ја спакува бозикната вечера и со сопствено возило ја разнесе до домовите на сиромашните граѓани. Само бездомникот Зоран попладнево ручаше во кафеаната. Тој доби и пакет храна што немора да ја приготвува затоа што нема каде.
Пакетот со храна на велешанката Елида Стојменова го доби велешанката Буба бидејки како донатор таа го избра семејството на кое му подари.
Годинава дваесетина а вгодина двојно повеќе социјално немоќни семејства ќе бидат обврска на оваа група филантропи кои меѓусебе си ветија дека ќе бидат партнери за поголеми акции чија единствена цел ќе биде да се внесе радост и среќа во што поголем број на велешки домови. Првиот проблем што ќе треба да го решат веднаш после празниците е да му најдат сместување на бездомникот Зоран со кого судбината си поиграла па сега освен што нема што да јаде тој нема н легло и спие по влезовите на зградите во Велес/У.Ј