Четири пара детски очи, една мајка и еден татко од семејството Усинови очекуваат граѓанска помош во битката со сиромаштијата
Четири мали главички се гледаа под купот од кебиња и јоргани кога ѕирнав низ прозорецот, без стакло на едниот дел, во една од двете трошни собички на скромниот дом на семејството Усинови во Велес. Надвор беше ладно утро а тие спиеја гушнати и припиени едно до друго затоа што така го победуваат студот во ладната соба што не може да се загрее поради тоа што пари за дрва нема па се штеди за да се запали само стариот шпорет во соседната соба и тоа кога се готви ручек, се грее вода во ѓум за да се искапат децата, да се исперат алиштата, да се измијат садевите и да се исчисти домот.
– Наместо стакло, за кое немаме пари, местото го пополнуваме со картон, со најлон ама селотејпот не држи па знае да се одлепи и да падне. Еве утрово паднал. Моите четири керкички се топлат една со друга, се гушкаат и покриваат преку глава. Така ги учам дека се надмудрува студот. Јас и сопругот спиеме на трулите штици на подот. И ние врз себе фрламе се што имаме од покривачи. Не е лесно, но нема кој да ни помогне, рече мајката Севинч Усинова. Таа има 28 години и бидејќи го дои најмалото дете сеуште не може да бара работа.
Севинч ме пречека на влезната врата,во дворот и ме покани во скромниот дом на улицата „Јовче Тикваровски“ број 3 во Велес, под чии стреи висеа низите со сушени црвени пиперки. А внатре освен шпоретот на дрва не работи веќе ниту еден електричен апарат. Ни шпоретот ни машината за перење алишта а фрижидер нема. Севинч грее вода на шпоретот и во исто време за да ги искапе децата, потоа ги мие садовите во бетонското корито на чешмата во дворот, потоа ги пере алиштата. Водата се носи со кофи до бањата во која има само канализациона цефката.
Кога слушнаа дека има гости во соседната соба, се разбудија седумгодишната Нермин а понеа дотрчаа и шестгодишната Назлие, петгодишната Филис и две иполгодишната Мелек. Седнаа на каучот до вратата што кога се затвори се покажа нивната единствена детска играчка – плавобелиот делфин што беше закачен на клинец, во горниот дел на вратата. Беа мирни, молчеа и радознало ме гледаа, како да се прашуваа која сум додека нивните широко отворени окца очекуваа добронамерник што ќе им донесе малку храна за да ги наполнат стомачињата. Во собата мирисаше на мем и влага, покрај ѕидовите имаше изронет малтар и вар а горе во ќошот на таванот и мем измешан со влага.
– Не се издржува веќе вака. Иако постојано барам работа единствено што успевам е да надничарам и да донесам навечер по некој денар за да има пари за леб и сопругата да зготви манџичка за утрешниот ден. Кога доаѓам со празни џебови, како и кога наутро излегувам од дома, тогаш започнуваме кавга со Себин. А морам и да насечам дрва долу од покрај Вардар или горе на ридот, да ги донесам дома и да ги средам за да ги стави во ложиштето на шпоретот. Вака е секоја зима, во година, од како сме во брак. Моите две постари ќерки одат на училиште ама не земаат ужинка оти не можам да ја платам. Јадат дома што има. Ниту еднаш не сум добил еднократна парична помош туку социјална месечна помош од три илјади денари, рече Мустафа.
Тој во лето оди да бере грозје, праски, работи за дневница и други земјоделски работи. Ако има и градежни, мешање малтер, подавање тули, утовар и растовар на градежен материјал. За Мустафа во зима е потешко да најде работа.
Повеќе од очигледно е дека на семејството Усинови му треба помош. Тие што ја започнаа граѓанската иницијатива, тројцата велешани Николче Александров, Ивана Тончова и Алма Кицара, веќе ја посетиле Ленче Здравкин. Таа ги испратила првата количина на храна и малку гардероба за децата.
– Сега на ред е огревот и домашните електрични апарати. Дај боже да се најде општествено одговорна градежна фирма која ќе им го приспособи домот составен од две соби и едно предсобље. Покривот им тече. Ние сакаме да ги замолиме велешани доколку имаат електричен шпорет, машина за перење алишта и фрижидер што не ги користат да ги подарат. И кујната е со дотраени елементи. Значи сакаме да ги поттикнеме нашите сограѓани да подарат елементи што не ги користат. Ќе се обидеме да собереме средства преку каси што ќе ги поставиме на неколку локации во градот па кој колку милува нека донира, рече Александров.
На телефонскиот повик, денеска, одговорија од Шумско стопанство „Бабуна“. Мустафа во понеделник ќе оди да земе огревно дрво. Трактор се бара и сечач за дрва. Но, другите работи ќе мора дополнително да се обезбедат. Згора на се и да се платат долговите на ЈКП „Дервен“ во висина од 54 илјади денари, на ЕВН за три неплатени сметки за струја околу 4 илјади денари и на Телеком, од кого заработија тужба, во висина од 3.150 денари плус камати.
Граѓаните своите доброволни прилози ќе можат да ги уплатат и на трансакциската сметка на Мустафа Усинов со број 300 277 022 147 261 во Комерцијална банка. За него се бара и работа. Кога затајува државата тогаш граѓаните треба да стапат на сцена. Колкумина ќе бидат, ќе знаеме кога шестчленото семејство ќе ни каже дека веќе не е само и дека почувствувало благодет од повеќемина од нас./У.Ј