Програма на осумнаесетгодишниот велешанец Виктор Јовев: Смирете го токсичниот гејмер во вас со AutoCensor
Порано или подоцна, консументите на онлајн видео игри се нашле во ситуација да се вознемират од доживеаниот пораз до таа мера да избрзано реагираат со пцовки, колнење и сеење клетви како средновековни бабици. Оние кои не сакаат вакви токсични бомбардирања, во чет екранот имаат или вклучено одредени филтри или пак ја имаат целосно деактивирано функција за социјализација. Но, што доколку вие сте гејмерот од кој косата на останатите им се крева нагоре? Што ако вие сте тој што не може да ја контролира примарната потреба за дивјачко однесување и е опериран од вештини за основно функционирање во цивилизираниот свет? Во таа ситуација, на располагање имате две работи, но со оглед на тоа дека само едната е бесплатна, нема непотребно да ви одземаме време со втората, пишува ИТ Форум и објаснува како осумнаесетгодишниот велешанец Виктор Јовев ученик во ОСУ „Коле Неделковски“ ги стекнал нивното внимание со апликацијата што тој ја изработил.
AutoCensor е програма која ве спречува да напишете одредени (англиски) зборови кои се третираат како токсични и негативни за нормалната заедница. Секој пат кога ќе пробате да напишете нешто што е во системот регистрирано како несоодветно, ќе се појави прозорец кој ќе ве предупреди да не користите лоши зборови. Со пркосење на предупредувањето може да добиете негативни поени, оценка или пак да бидете пријавени од останатите гејмери како токсичен играч, односно вербален насилник, што, пак, може да резултира со привремено или трајно блокирање на пристапот до играта.
Кон програмата вниманието ни го насочи Виктор, средношколец од Велес, со профил електротехничар за компјутерска техника и автоматика. Виктор ни објасни дека тој ја изработил апликацијата додека работел на FreeLancer, посреднички сајт за хонорарна работа.
„Оваа идеја за AutoCensor беше идеја на еден мој пријател од Франција , а мојата улога беше да ја реализирам со програмирање. Идејата е прекрасна, иако многу се плашев на почетокот за неуспех, но сепак го поставив темелот на апликацијата. Се одлучив да ја правам поради 2 причини, првата е за да помогнам на гејмерите при нивното агресивно и лошо однесување , втората причина е да се проверам самиот себе до каде сум со вештините за програмирање.“, објаснува младиот информатичар.
Ние го тестиравме AutoCensor и нашите впечатоци се дека на програмот е потребно уште многу работа и оптимизација, нешто со што и Виктор се сложи. Имено, ние претпоставувавме дека кeylogger-ot кој Виктор го има имплементирано црпеше многу ресурси од процесорите на тестираните конфигурации и имавме проблеми со изведување основни операции, камо ли флуидно покренување на ММО игри кои зависат од процесорот, како Guild Wars 2. Дополнително, програмот нѐ предупредуваше секогаш кога ќе напишевме еден ист токсичен збор, а често не ни беше доволно брз да не спречи во намерата, најверојатно поради искористеноста на процесорот. Го прашавме Виктор дали и како планира да ги реши ваквите проблеми.
„Пред се, мене ми е прв пат да градам Background програми / процеси.“, признава Виктор и додава: „ Да, свесен сум за многуте грешки. KeyLoggerot не е причината за црпењето ресурси од процесорите , туку во алгоритамот за наоѓање на лошиот збор. Како се внесува буква, така и текстуалната променлива, се менува и алгоритамот, постојано пребарува (линеарно- еден по еден збор) за секоја ново внесена буква во 528 зборови и нормално дека тука да ќе биде бавно. Секако дека имам идеја и за овој проблем. Како прво, зборовите ќе ги подредам по азбучен ред, а потоа со бинарно пребарување каде што функцијата е логаритамска и ќе биде побрзо, а и со тоа помалку ќе го оптоварува процесорот.“
AutoCensor програмат не е само за спречување да се пишуваат лоши работи за време на игри. Поради природата на програмот, импулсивно-агресивните корисници можат да бидат спречени и во пишување несоодветни зборови преку прелистувач, односно на социјалните мрежи, нешто што може да биде корисно за родителите кои би сакале да наметнат одредени безбедносни рестрикции на нивните деца кога се на интернет и да ги поштедат од непријатни последици кога ќе се избрза и ќе се напише нешто непријатно. Моментно, фокусот на Виктор дефинитивно е кон подобра оптимизација на програмот, но и на уште една друга работа.
„Планирам AutoCensor исто така да биде повеќе платформска (Mac OS , Linux) понатаму. Сега засега, бидејќи исто така проучувам и за вештачка интелигенција, ќе гледам некако да го применам знаењето за ВИ во апликацијата. Исто така и повеќејазична.“
Жонглирање неколку топки не е лесна работа и едноставно моравме да го прашаме Виктор колку е тешко да се учи и работи во исто време. Одговорот кој го добивме беше исклучително зен и за пофалба!
„И додека работиш, учиш. Ништо не е тешко ако се сака. Се зависи од желбата на човекот“
Но, што е со останатите? Што е со останатите млади читатели кои, исто како Виктор, се полни со корисни идеи и знаење за нивна реализација?
„Амбициозноста е вашиот прв чекор за успех, вториот чекор се вашите дејства. Не се плашете од неуспеси, само преку грешките ќе стасаме до успехот. Има еден познат цитат:
„Не е важно дали летате, одите или трчате, само не застанувајте“ .
Сите од it.mk му се благодарни на Виктор за одвоеното време и му посакуваат сè најдобро и многу успеси на сите полиња! Во меѓувреме, доколку имате познавање од software development и сте доволно амбициозни, донесете ја одлуката да му помогнете во подобрување на AutoCensor!
Извор: it.mk