Две сообраќајки во кои едно лице е тешко повредено како и лишен од слобода дилер на дрога
Во текот на вчерашниот ден во велешко се случиле две сообраќајни несреки во кои едно лице се здобило со тешки телесни повреди за што било итно префрлено на Ургентниот центар во Скопје додека дирктниот судир на две патнички возила завршил без последици врз здравјето на возачите и поминал само со материјална штета на автомобилите.
Посериозната сообраќајка се случила на регионалниот пат Градско – Велес, во близина на фабриката „ХИВ“, каде патнички автомобил марка „Фиат Типо“ со неготински регистарски броеви управувано од четириесет и две годишниот С.П. од Неготино во движење изгубил контрола над возилото, излегол надвор од левата страна од коловозот и удрил во дрвјата покрај патот. Од ударот тој се здобил со тешки телесни повреди. Несреќата се случила околу 23.30 часот по што интервенирала Итната медицинска помош која укажала здравствена помош и го транспортирала тешко повредениот Неготинец во Општата болница во Велес. По реанимацијата и извршените прегледи и снимања, специјалистите на Хирушкото одделение одлучиле итно да го пренесат во Ургентен центар во Скопје.
Втората сообраќајка се случила претпладнето, околу 10 часот, на регионалниот пат населба Чашка – Велес поточно на самиот излез од населбата кога директно се судриле патнички автомобил марка „Даеву-Нубира“ со велешки регистарски броеви, управуван од триесет и оссумгодишниот Д.Д. од Велес и патнички автомобил марка „Застава 101“ со велешки регистарски броеви управуван од шеесет и едногодишниот Љ.К. од Велес. Екипа на СВР Велес по увидот констатирала дека до сообраќајната несреќа дошло поради недржење страна на движење. На двете возила е констатирана значителна материјална штета.
Исто така, вчера попладне околу 17 часот, според полицијата, на улицата „Димко Најдов“ во Велес од слобода е лишено лицето Љ.Д.(34) од Велес, поради постоење основи на сомневање дека сторил кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на опојни дроги“ според чл. 215 од КЗ на РМ./У.Ј