Дадоа искази и Вештаците во судскиот процес против гевгелиските лекари за смртта на родилката Кадиева и нејзиното бебе
„Алкохолот влијае на моториката на анестезиолозите, при изведување на интубација“, рече во исказот пред велешкиот Суд д-р Аристон Ракити, еден од вкупно трите вешти лица вклучени во овој судски процес. Тој вака одговори кога судијката Габриела Гајдова го праша како влијае присуството на алкохолот врз моториката на човекот. Пред него во судницата контрадикторен исказ дал вештакот Доц. д-р анестезиолог Атанас Сивевски кој прво соопштил дека обвинетите немале никакви грешки при изведувањето на медицинскиот протокол за потоа на прашање на Обвинителката Славица Темелковски да дообјасни дека имало одредени неправилности. Со распитот на вештите лица Обвинителството сака да докаже дека двајцата анестезиолози работеле под дејство на алкохол и извеле нестручна анестезија врз починатата родилка.
– Не спорно е дека алкохолот ја намалува моториката и во таква одговорна професија е еднакво на самоубиство. Недозволиво е. Исто како што професионалните возачите имаат нула толеранција таква толеранција треба да имаат и докторите , рече сопругот на Маја, Димитрија Кадиев
Одбраната на обвинетите, анестезиологот Томчо Ванчев и гинеколозите Венци Чалков и Дончо Москов, пак остана на тврдењето дека лекарите не биле под дејство на алкохол кога во операционата сала на акушерското одделение во болницата во Гевгелија, пред две ипол години, со царски рез ја оперирале 32 годишната пациентка Маја Кадиева.
– Ако се гледа објективно може да се заклучи дека вештите лица ретерираа од првично изразениот став кој што е последица на доказите изведени на главната расправа. Во суштина ако се цени нивното вештачење писменото, дадено на главната расправа, со денешното во судница тоа е дијаметрално спротивно што сметам дека е во корист на обвинетите, рече бранителот на анестезиологот Томчо Ванчов, адвокат Милан Трајанов.
– При крај е постапката на изведување на докази. Сослушани се вештите лица поточно анестезиолози. Завршивме со нив и практично со распрашување на обвинетите постапката завршува, рече бранителот Туше Гошев.
Судскиот процес, како оштетени, го следат и семејството на починатата родилка Кадиева. Нивниот бранител Дељо Кадиев рече :
– Закажано е и наредното рочиште на кое ќе треба да бидат распитани и обвинетите. Добро е да слушнеме што имаат и тие да кажат, што во нивните очи ќе биде теоријата на случај и секако судијата го закажа и терминот на завршните зборови за во месец јуни.
Судскиот процес ќе продолжи на 14 мај кога свои искази ќе дадат обвинетите лекари анестезиологот Томчо Ванчев и гинеколозите Венци Чалков и Дончо Москов по што ќе следат и завршните зборови./У.Ј