(ФОТО) Христос Воскресна – Навистина Воскресна, честит Велигден и за многу години!
Новоизградената црква „Свети Кирил и Свети Методиј“ во Велес вечерва беше духовниот храм во кој се собраа стотици велешани за да ја слушнат радосната вест за Христовото воскресение. Тие се до полноќ во голем број доаѓаа од новиот дел на градот, купуваа и палеа свеќи во дворот на црквата за потоа внатре и во овој божји храм пред иконите на светителите и иконата на Воскресението Христово да се помолат за лично и здравје, среќа, берикет на своето семејство.
Кога на полноќ одекна звукот на камбаната а свештениците ја објавија веста: Христос Воскресна! граѓаните одговараа велејќи: Навистина Воскресна!
Потоа ги кршеа бојадисаните велигденски јајца, меѓусебно се поздравуваа и голем дел од нив останаа да присуствуваат на литургијата што ќе трае до раните утрински часови.
Велигден е најголемиот христијански празник кој го слави Исусовото воскресение од мртвите, и победата на животот над смртта.
Затоа граѓаните ја пееја песната која гласи: „Христос воскресна од мртвите, со смрт смртта ја победи и на оние во гробовите им даде живот.“
Вратите и на останатите цркви во Велес ноќва се широко отворени, додека внатре се пеат најсвечените песни, а камбанариите ѕвонеа најсилно.
И во наредните четириесет дена граѓаните – верници ќе продолжат да се поздравуваат едни со други со радосниот поздрав: Христос воскресна! Навистина воскресна!/У.Ј