Министерството за здравство ветило поправка на КТ апаратот и дало надеж за скоро вработување на лекари во велешка болница
За еден месец ќе може да се очекува првиот повик за прием на нови лекари во јавните здравствени установи во државата со цел новопримените да можат потоа да конкурираат за добивање на специјализации што се особено значајни за велешката Општа болница која со години се соочува со недостиг на високообразован кадар и специјализанти. Вакво уверување од министерот д-р Венко Филипче добил директорот на ЈЗО Општа болница Велес.
– Секако дека има и други начини и форми но, сега прашање е колкав ќе биде бројот на заинтересирани дипломирани лекари кои ќе се јават на повикот за вработување и за добивање на специјализација во Велес. Проблемот е многу сериозен посебно за општата и уште две хирушки гранки, за анестезиологија и за гинекологија за кои потребата е преголема во велешката Општа болница. Ваквиот став на министерот за здравство до некаде ќе ги поправи состојбите во болницата . Се разбира дека се можни и други начини да се надмине проблемот а тие се составен дел на на здравствениот систем на државата, рече директорот на ЈЗО Општа болница, д-р Димитар Стровјановски.
Тој разговарал со Министерот и за раздолжувањето на Општа болница Велес со Институтот за Трансфузиологија како и за долговите и побарувањата што болницата ги има кон или од други јавни установи. Сепак, директорот вели дека приоритетна цел на средбата била поправката на апаратот Компјутерски томограф.
– Министерот Филипче изрази желба што поскоро да се надмине состојбата со овој многу значаен медицински апарат и даде задолженија на своите соработници за започнување на постапка за поправка на Компјутерскиот томограф во велешката болница. Станува збор за поправка која изнесува над 60 илјади евра. Сега се зависи од сервисерот кој што треба да ја набави новата ренген цевка затоа што на старата и изминал работниот век, броен во часови, минути и секунди. Значи се зависи од тоа дали делот го имаме во Македонија или ќе биде потребно производителот „Сименс“ да ја испорача од странство. Секако и да ја сервисира или да ја замени, рече д-р Стровјаноски.
Тоа што КТ апаратот веќе шест месеци не работи во ЈЗО Општа болница Велес им содава сериозни проблеми на лекарите од Невролошкото одделение во дијагностицирањето на состојбата на пациентите со мозочни изливи и инфаркти. Особено кога невролозите треба да согледаат дали пациентот има тромбоза или крварење. Исто така овој апарат е значаен и при дијагностицирањето на тумури или друг вид на промени во човечкото тело што ги дијагностицираат интернистите и хирурзите.
Инаку Компјутерскиот томограф во велешката болница не работи веќе шест месеци. Тој откажа во исто време со уште неколку исти апарати во болниците низ Македонија./У.Ј