Рахилка Фирфова Ѓоргова: „Зборовите напишани на картичките од Рацин се врежани во мојата душа“
Последен пат со Рахилка Фирфова Ѓоргова – Раца се сретнавме во 1998 година кога бев гостин во нејзиниот стан, на најгорниот кат од семејната куќа на Ѓоргови, до централниот плоштад во Велес. Кога се ракувавме таа на лицето имаше насмевка, родителска и блага. Првите нејзини зборови беа за добредојде:
„Како почитуван пријател и гостин за добредојде ќе те послужам со слатко. Таков е нашиот велешки обичај!“.
На послужавник донесе слатко од дуњи и вода и го остави пред мене за потоа да седне на нејзиното омилено место, на столот до прозорот. Седна полека, длабоко воздивна и почна да зборува.
-Од прозорецов го гледам цел Велес и споменикот на Кочо. Да ви кажам иако немавме ниту средба, ниту глас не си чувме, во душава чувствувам топлина кога ќе се сетам дека тој моето име го зема за свое. И картичките се тука, со испишаните негови зборови, стихови. Тоа остана врежано во мене и секако ќе го паметам дури сум жива. Тие зборови се длабоко во мојата душа. Ме прашавте како на сите озборувања реагираше мојот сопруг Никола? Тој беше интелегентен човек, зборуваше неколку јазици и ниту еднаш ништо не ме праша за Кочо. Никола ги познаваше Солеви зашто татко му на Кочо аргатувал кај Ѓоргови. Единствено кога во Велес се разбра дека Кочо загинал, мене веднаш другарките ми кажаа и бев многу потресена и тажна од веста, Никола штом си дојде дома од работа, ме погледна и проговори: „Не е случајно загинат Кочо. Тој на некого му сметал!“. Никогаш повеќе збор не кажа за Кочо, рече Раца.
Потоа таа продолжи да раскажува за нејзиниот живот во домот на имотното и почитувано семејство Ѓоргови. Повтори дека со Никола живееле среќен живот и љубовта ја крунисале со три деца, синовите Ане и Бојчо како и ќерка Олгица. Потоа ми ја покажа фотографијата на која е фотографирана со чадорче, весела и насмеана. Како да сакаше фотографијата да биде потврда на нејзините зборови за личната среќа. Фотографијата до денеска не е објавена.
Фотографијата на Рахилка Фирфова Ѓоргова, што прв пат се објавува
Денес кога за првпат можат да ја видат читателите на овој текст морам да кажам дека јас го испочитував аманетот на Рахилка Фирфова Ѓоргова. Одамна се поминати пет години од нејзината смрт, што таа ги бараше како аманет, пред да ги објавам нејзините спомени од животот, чувствата кон Кочо и оваа фотографија. Аманетот е исполнет. Мојата почитувана пријателка и интелектуалка Раца Фирфова Ѓоргова од овој свет замина во 2000 година а јас и ден денеска се сеќавам на нејзините зборови:
„Ако некогаш пишуваш, објави и текст од било која од картичките. Мене сите ми се многу драги. Нека се запознаат со содржината и сегашните и идните генерации зашто Рочо беше голем човек и засекогаш ќе остане безвремен“.
Рахилка Фирфова Ѓоргова на средношколска возраст
И оваа желба на Рахилка Фирфова Ѓоргова и ја исполнувам. Кочо Солев Рацин на една од картичките и пишува:
„Го земам твоето име како мое, а затоа ти подарувам бесмртност, кондензиран воздив по тебе. Антологија на болката… и мое портре ако побараш… Капка крв од моето тело и душа – ја имаш веќе… Моето идно име – ме врзува засекогаш со тебе….
… Прости ми или проколнувај – сеедно.
А јас се љубам, се проштевам, и се заборавам…
Едно само жалам: што не ја чув Смислата преку звукот на твоите зборови… или барем нивната трага со мастило…“
Oва е мојот личен придонес кон 55-те Рацинови средби.
Стоилко Андреевски