Данов: Реквием за велешката гемија
Гемијата и гемиџиите се нераскинливо врзани со историјата и развојот на град Велес. Со векови наназад велешани живееле на бреговите на реката Вардар и нивната креативност и севкупниот развој и историјата на градот била поврзана токму со неа, со гемијата.
Честопати, намерно или ненамерно, грешиме во формулацијата дали велешката гемија била сплав или бродче!? Самото име „гемија“ доаѓа од турскиот збор “gemi“ што означува помал брод , чамец.
Но, историски гледано гемијата на почетокот на нејзиното креирање навистина била сплав. Тоа е навистина така бидејќи технологијата, алатот, но и познавањето на приликите за користење на гемијата во непредвидливите води и сулини на реката Вардар.
Нова, непозната фотографија на гемија од 1900 година
Кога се појавила гемијата во водите на реката Вардар не може да се каже точно. Ако се знае дека велешката котлина многу одамна била едно големо предисториско езеро, на чии брегови живееле луѓе, нормално е да се помисли дека тие биле принудени да користат некакви пловила, за премин и комуникација преку езерото. Кога водата се повлекла и реката Вардар го управила своето течение низ велешката котлина, гемијата веројатно останала како начин за да се премине преку нејзиниот тек. Двата брега на Вардар не останале разделени, туку логички е дека постоел еден или повеќе премини преку реката, во прво време нешто како скеле.
Несомнено, поради реката Вардар постојат и велешките мостови, но и гемијата.
Гемијата мораме да ја гледаме како една мисловна креација на генерации велешани, кои сакајќи подобар живот за себе и своите потомци неуморно ја осмислувале и унапредувале, како сретство за трговија , егзистенција и опстојување на овие простори.
Гемијата е еден од најголемите препознатливи обележја на град Велес и велешани. Таа е поврзана со економскиот, просветниот и духовниот развој на градот. Својот најголем успех гемијата го постигнала во втората половина на 19 век, кога допринела градот Велес во тој период да го доживее зенитот во развојот на трговијата по воден пат со Солун и од турска касаба да прерасне во модерен град со европски лик и карактеристики. Гемијата долго пловела по Вардар исполнувајќи ги соништата на велешани, кои заедно со неа растеле и живееле.
Постојат многу сведоштва за животот во Велес во „златното време“ на гемијата и за тоа дека кога гемиџиите се враќале од своето патешествие до Солун, градот живнувал и живеел богато и раскошно , поттикнат од младите гемиџии кои своите тешко заработени пари ги трошеле тука , во својот роден Велес.
„Пасош“ за трговија до Солун
На гемијата треба да и оддадеме почит, но и на луѓето – гемиџии , кои ја граделе, управувале и заедно со неа се бореле со далгите на реката Вардар.
Значи , да се потсетиме на градителите на гемиите, но и на нашите велешани Гемиџиите – Солунските атентатори, кои конспиративното име го земале токму од најсветлата ѕвезда на велешкото небо – гемијата! Тие покажале дека само велешаните се и можат да се наречат „гемиџии“, со тоа апострофирајќи ја саможртвата за слобода и просперитет на градот и Македонија.
Велешките кајакари на КК „Бабуна“ се првите модерни гемиџии кои тргнаа со кајаци по Вардар кон Гевгелија во далечните педесети години на 20 век.
Вардар тече одамна, уште од времето на непознатото. Велешани научија да живеат покрај реката и со реката. Гемијата ги поврза заедно.
Да ни живее Велес уште многу векови !
Љупчо Данов