Во Катланово, по 35 години, средба на двајца велешки и еден бригадир ветеран од Кикинда
Изненадени лица, неверување а потоа пријателска прегратка и дружба. Вака започна, по триесет и пет години, средбата на поранешните акцијаши а сега ветерани Делчо Костов и Иван Илиев од Велес со Чедомир Жвељан од Кикинда, Србија. Средбата се случи во поранешната акцијашка населба Катланово, викендов, на одбележувањето на трите јубилеи – 70 години од МРА „Маврово“ првата сојузна работна акција на ниво на Југославија, 55 години од вклучувањето на бригадирите во расчистувањето на Скопје по земјотресот и 40 години од сојузната младинска акцијата „Братство- единство“ во Катланово кога акцијашите го градеа автопатот Скопје-Велес-Градско, сега наречен „Пријателство“.
– На едно од знамињата што се вееја на средбата во Катланово забележав дека пишува Кикинда. Тоа значи дека на средбата има присутна бригада од овој град. Веднаш помислив на Чедо и му кажав на Иван. Ги пронајдов бригадирите од Кикинда на платото во Катланово и ги прашав да не случајно го познаваат Жвељан а тие ми одговорија дека тој е со нив, дека дошол во Скопје и потоа се беше лесно, веднаш го пронајдовме. Тој е ист а јас сум со поголема килажа од времето на младинската работна акција „Мостар“ во 1982 година. Таму го склопивме пријателството додека броевме пулскавици на рацете и се натпреварувавме за ударничката значка. Многу ми е драго што се сретнавме. Го носиме за Велес, рече Костов.
– Јас учествував на десет Младински работни акции од кои две беа во Македонија „Пљачковица“во 1978 година и „Битола“ во 1983 година. Со Делчо и Иван бевме на МРА „Мостар“ во 1982 година. Иван останал со иста конструкција а јас и Делчо имаме зголемена килажа. Не беше тешко да се препознаеме па ние сме стари другари кои еден месец делеа се додека учествувавме на акцијата. Многу сум радосен и веднаш прифатив уште вечерва да дојдам во Велес за да се потсетиме на старите добри акцијашки денови, рече Жвељан.
Тројцата акцијашки ветерани имаа многу што да си кажат за својот живот во изминатите триесет и пет години, за личните успеси, формирани семејства, за некои нови победи без копачот, лопатата и ударничката значка.
– Се немаме видено поточно од 1983 година, значи една година по учеството на МРА „Мостар“ кога дел од велешките бригадири бевме во Кикинда. Тие имаа убави бригадирки а ние убави бригадири и затоа отидовме да ги посетиме. И да не биде дека нашите велешанки не беа убави еве ќе откријам тајна. Чедо сакаше да биде велешки зет. При неколкудневниот престој во Кикинда убаво се дружевме. Ќе се дружиме и сега ама во Велес па макар и една ноќ, рече Илиев.
Во разговорот што го започнаа во Катланово бригадирот ветеран Жвељан раскажа како во Кикинда има формирано здружение на граѓани кое ги негува акцијашките традиции. Такви здруженија постојат во повеќе поранешно југословенски градови. Заедно формирале фејсбук група преку која ги обновуваат врските, испраќаат покани и учествуваат на акции во градови во Словенија, во Србија,во Хрватска,во Босна и Херцеговина и во Црна Гора.
– За прв пат еве сме и во Македонија. Во изминатите седум дена бевме сместени во студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје каде го уредивме дворот со тоа што ги исековме сите жбунови, стари исушени стебла, гранки, ги изнесовме од дворот, ја израмнивме земја, собравме смет и го уредувавме простор. Во секоја работна бригада има бригадири ветерани и млади. Од Кикинда донесовме 15 млади луѓе кои неделава работеа со нас и се дружеа со свои врсници од Македонија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина како и од Црна Гора. И замислете не им требаа интернет, лап топи и мобилни телефони. Прашајте ги да слушнете што ќе ви одговорат за ново склопените пријателства и другарства, рече Жвељан.
Тој додаде дека на 1 Април неговата родна Кикинда организира акцијашка средба и се понуди да биде домаќин на акцијаши ветерани од Велес кои исто така ќе донесат млади за доброволно да учествуваат и да работат, да запознаат нови пријатели и да создаваат животни работни навики. Жвељан долго раскажуваше дека секој слободен пензионерски ден сега го користи за учество на вакви средби низ државите од поранешна Југославија.
Инаку на завршната вечер од три јубилејната бригадирска средба во Катланово, што се одржа во саботата на 28 јуни, учествуваа 23 бригадири ветерани од Велес. Неа ја организираше Општина Гази Баба. На средбата учествуваа над 300 поранешни бригадири од Македонија и од градови на поранешна Југославија. /У.Ј