Данов: Сага за велешката кафеана „Под мостот“
Велес е град на гурмани. Ова не е произволна констатација ,туку многу реално и прецизно согледување на велешани, ама и на намерниците кои го посетиле нашиот град и се гостеле со велешките скараџиски специјалитети. Велес е познат по својата пита-пастрмајлија,по ѓозлемето,но и по специјалитетите на скара.
Многу одамна повеќемина намерници, како Евлија Челеби, Аџи Калфа и други го опишале Велес како град со многу голем и добар пазар, со повеќе анови и акчилници, каде се готвела и спремала храна и добро се јадело. А тие биле гурмани и добро нашетани намерници.
Велешани одамнина знаат што е добра скара. Отсекогаш чаршијата мирисала на ќумур и на оној препознатлив мирис на месо што се пече на скара. Велат дека порано секогаш околу пазарот имало неколку добри мајстори за скара. Но, намерата ми е да ви ја представам историјата на една велешка кафеана, би рекол „скара“ , поради која патници намерници секогаш застанувале во Велес.
Гости фотофрафирани со сопствениците на почетокот на работата на угостителскиот дуќан „Побратими“
Тоа е поранешниот угостителски дуќан „Побратими“ , основан во далечната 1965 година. Тогаш Велес имал само три кафеани, а ова била една од првите приватни кафеани во тогашна Социјалистичка Југославија. Но, многумина оваа кафеана не ја знаат под нејзиното вистинско име, туку како – скара „Под Мостот“.
Навистина името одговарало, бидејки кафеаната се наоѓала веднаш на почетокот на Новиот мост ( денес мост „Гемиџии“) во куќата на Трајче Ќопо. Денес куќата е празна , како и скарата, а за нејзиното постоење сведочи само црниот и искривен оџак кој неминовно ви влегува во видното поле кога го преминувате мостот.
Од разговорот што го водев со Никола Манев – Царето, синот на Бојан, ќе ви откријам некои детали, кои се надевам ќе сакате да ги знаете.
„Па што да се каже, навистина скарата беше позната во цела тогашна Југославија, а имаше и многу странци, кои доаѓаа случајно или беа упатени од свои познаници, што веќе ги пробале специјалитетите на скара „Под мостот“, рече Никола.
Царето и Ќопо на една од повеќето заеднички фотографии во кафеаната
„Немаше војник кој не пробал од кебапчињата, а секое нивно излегување во град завршуваше таму, токму под мостот. Дури и своите семејства дојдени во Велес да присуствуваат на чинот на давањето свечена заклетва ги носеа на скара во нашата кафеана. Многу познати личности и обични граѓани седеле „Под мостот“ и се гостеле со надалеку прочуената велешка скара. Татко ми, Бојан Манев – Царето работел во кафеаната „Македонија“, поранешната „Градската кафеана“. Тој заедно со Трајче Ќопо во 1965 година ортачки ја отвориле кафеаната која набргу станала позната ширум тогашна Југославија па и пошироко. Започнале со 5 па додале уште 3 маси за потоа да ја изградат и терасата на која беа поставени уште 3 маси, додаде Никола.
Ова е времето кога тогаш магистралниот пат од Скопје до Грција поминуваше низ Велес и многу странци го бараа и засакаа ова мало кафеанче , а имаше и такви кои редовно, секоја година одејќи на одмор за Грција беа негови редовни муштерии. За камионџиите да не зборуваме. Меѓу нив се ширеше приказната за одличната скара во Велес, па многумина дури и специјално се задржуваа за да се насладуваат на скараџиските специјалитети на Ќопо и на Царето.
Ќопо, Царето и Мрсното во кафеаната „Под мостот“
Интересни се приказните дека многу познати директори, стопанственици, дури и членови на Собранието на тогашна СФРЈ , при посетата на Македонија од Скопје специјално доаѓаа на скара во „Под мостот“.
Никола вели дека никогаш нема да ги заборави двете случки што се случиле во кафеаната на татко му и неговиот ортак. Првата е поврзана со генералот на ЈНА, војската во поранешната држава Југославија, Петар Грачанин кој кога дошол на скара, во кафеаната во Велес неговото обезбедување не сакало да го пушти Никола да влезе внатре и покрај тоа што неговиот татко ги угостил гостите! Втората е поврзана со доајенот на македонското глумиште Петре Прличко, стариот Којничанин, боем и сладокусец. Чичко Петре, како што велешани го нарекуваа, еднаш донел цела филмска екипа од Скопје на скара, со се камери , светло, реквизити со цел емисијата да се снима за кафеаната. Ама, Царето, со кого добро се познавале, му се испречил и му рекол: Петре, еве ви 100 кебапчиња од нас јадете, пијте, ама не снимајте – тргнете ги кабливе! Реклама не ни треба, само муштериите да не ни ги избркате! Сите се изнасмеале. Така и биднало ама гужва се создала како никогаш претходно.
– Да, секогаш имаше редови од муштерии кој чекаа со часови за да купат или да седнат и да ручаат или вечераат затоа што скарата беше навистина добра. Тогаш главен снабдувач на месо, беше чичко Благој Мрсното. Кога во 1987 година Ќопо се пензионираше ортаци со татко станаа Лазе Каргата и Благој Мрсното. Кафеаната работеше се до 1995 година кога се затвори, а чичко Благој отвори кафеана под името „Под мостот“, спроти паркингот пред зградата на Основниот Судот. И чичко Благој почина, како и другите ортаци, нека им е лесна земјата на сите,“ додаде Никола.
И тој почнал да го пече занаетот во таа кафеана.
Никола Манев – Царето
„И јас поработив во таа кафеана како келнер за во 1989 година да отворам сопствена која се вика „Кај Царето“ , веднаш до зградата на Гимназија „Кочо Рацин“ кај денешен Младински парк. Цели 17 години работев таму. Од пред 6 години ја преместив спроти Стар мост, во дуќаните под клонот на детската градинка. И максимално се трудам да го одржам препознатливиот вкус на традиционалната велешка скара. А тоа го научив од најголемите мајстори на овој занает во градот, од татко ми Бојан, кој работеше како келнер во Градската Кафеана и во „Централ“ како и од неговиот ортак чичко Трајче Ќопо кој беше кувар по струка и извесен временски период работеше како кувар во мензата во „Тапатер“ за кого сеуште зборуваат тогашни вработени кои неможат да ги заборават специјалитетите кои им ги приготвувал. Нивната скара стана позната по квалитетот кој го даваа . Традиционално велешката скара се пече на ќумур и неа ја сочинуваат : ќебапче, плескавица и домашен колбас. Тоа е препознатливоста на скарата! Тајна има, ама не се кажува. Тајната е во амурот што се прави од месото и додавањето на зачините. Скарата секојдневно се пали и треба околу половина час да се разгори, да се создаде жар на кој потоа непрекинато се работи, рече Никола.
И во неговото кафеанче постојано има домашна атмосфера затоа што таму доаѓаат скоро исти велешани кои меѓусебно се познаваат и секој од нив си ја знае сопствената маса. Гостите се добронамерни граѓани кои освен што доаѓаат да јадат скара на ќумур, токму познатата велешка, муабетат и споделуваат лични успеси или загуби. Атмосферата е пријатна , а ако има повод знае и песна да одекне, онака за душа, песна велешка – за душа велешка.
Љупчо Данов