Коцевски повика на поголем граѓански активизам – утре масовна акција за чистење
Улогата на граѓанските организации во процесот на евроинтеграциите и поттикнувањето на граѓаните како и граѓанските организации за развивање на волонтерството беа темите на денешната втора седница на Локалниот граѓански совет на општина Велес. Поттикнат од потребата да се подобри квалитетот на живот во локалната заедница, Градоначалникот Аце Коцевски ја отвори седницата со констатација дека граѓанскиот сектор во Велес треба да се врати на заслуженото прво место во државата кое што го заслужи со „зелената коалиција“ и сплотеноста во еколошката битка за здрав и квалитетен живот на велешани. Во изминатиот децениски период приказната за заложбите на „Зелената коалиција“ од една страна се раскажуваше низ светот додека дома, во градот каде што се роди, во изминатите години затаи граѓанскиот активизам.
– Сакам да потсетам дека на патот кон ЕУ и НАТО на Македонија ќе и бидат ставени многу финансиски средства. Еден сериозен дел од тие финансиски средства се однесуваат на проекти за кои имаат право да аплицираат само граѓански организации а дел од средствата ќе бидат за партнерства со општините. Затоа сметам дека во наредниот период треба сериозно да се посвети внимание на зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за да можат да подготват квалитетни проекти самостојно или во соработка со општините за да издејствуваме што повеќе квалитетни проекти за нашата општина и да го подобриме квалитетот на живеење на граѓаните, рече Коцевски.
Градоначалникот нагласи дека нема да има напредок во општеството ако нема силен граѓански сектор со изградени капацитети подготвен да ги поврзе граѓаните со локалните и централните власти и ќе овозможи граѓаните да ги остварат своите специфични барања, потреби и интереси.
– Упатив апел граѓаните и граѓанските активисти утре масовно да се вклучат во акцијата за почист и поубав Велес што ќе се одржи утре на локациите спортското игралиште во Дворови, кај економското училиште „Јовче Тесличков“ и Дом на НВО како и на втората локација од ул: „11 Октомври„, кај малото пазарче до ул: „Индустриска“ кај БРАКО. Исто така ги поканив волонтерски да се вклучат во активностите што ќе ни претстојат како манифестацијата „Денови на велешка пита и вино“, додаде Коцевски.
Граѓанскиот Совет ќе продолжи да работи во функција на подобрување на животот на граѓаните, констатираа неговите членови./У.Ј