Акција за пошумување на „Вршник“ во сабота, на 8 декември
Првата акција за пошумување, годинава, ќе се реализира на локалитетот Вршник каде на 3 хектари површина планирано е засадување на 5.500 садници со багрем. Во акцијата ќе учествуваат вработените во Општина Велес, јавните претпријатија и други општински институции како и здруженија на граѓани предводени Првата бригада за доброволна работа на Здружението „Акцијаш – ветерани“. Акцијата ги очекува и сите почитувачи на здравата животна средина во Велес.
„Првично општината планираше да се пошумува на локалитетот Св. Илија, но заради актуелните случувања и борбата на општината за правото на здрав живот за жителите на населбите Превалец и Тунел, акцијата се пренасочува на локалитетот Вршник“. Покрај обезбедување на зелен појас, за граѓаните кои страдаат од работата на фабриката „Техно павер“ целта на акцијата е да се продолжи со озеленување на голините околу Велес и да се обезбедат подобри услови на живот на граѓаните на Општина Велес. Ја користам приликата да ги поканам сите љубители на здравата животна средина да ни се приклучат за акцијата да биде што помасовна , рече градоначалникот Аце Коцевски.
Тој додаде дека одлуката да се пошумува со багрем ја донеле поради издржливоста на овие садници на секаков вид на климатски промени како и дека големината на површината на која ќе се засадува е одредена поради квалитетот а не квантитетот што се покажал при реализацијата на акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“.
Општината ќе организира превоз за сите заинтересирани граѓани и учесниците кои живеат во стариот дел на градот. Автобусите, во сабота, на 8 декември, ќе поаѓаат во 8.30 часот од улицата „Гоце Делчев“ спроти Основниот суд. Зборно место за учесниците кои ќе дојдат пеш или со сопствен превоз е во близина на фабриката за вода, во 09.00 часот./У.Ј