Две машки бебиња се родија во велешката болница во 2019 година, првото жител на Градско и второто на Велес
Првото бебе родено на Одделението за гинекологија и акушерство во велешката болница е машко, се вика Елвин и е второ дете на дваесет и две годишната Сибил и Сенад Кариманови од Градско. Елвин се роди вчера, среда 2 јануари, во 10: 16 часот со царски рез. Тој е здрав и добро напредува исто како и неговата мајка Сибил која закрепнува по операцијата и се чувствува добро.
– Првото новороденче е машко, тешко е 2 кг и 930 грама, долго 49 см и со 32 обем на глава. На свет дојде со оперативен зафат, царски рез што го изведоа специјалистите по гинекологија и акушерство д-р Ристо Гашев и д-р Атанас Василев, рече раководител на оделението за гинекологија и акушерство спец. д-р Аристотел Тренчев.
Мајката на Елвин е пресреќна затоа што веќе е мајка на една ќерка и што второто нејзино дете е машко.
– Многу сум среќна затоа што во новата година го добив моето второ дете кое е машко затоа што веќе имам едно девојче. Искрено се надевав дека ќе бидам првата родилка во новата година иако до последен момент бев во неизвесност. Им благодарам на лекарите и целиот медицински персонал на одделението за акушерство што ми помогнаа да го донесам на свет моето новороденче, рече Сибил Кариманова.
Елвин и Сибел денеска ги посети Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски кој им подари чек во вредност од 12 илјади денари и подароци. Кога тој влезе на одделението во болницата медицинскиот персонал веднаш му соопшти дека е завршен царски рез со кој е роден и првиот жител на општина Велес, дека бебето е машко и е второ дете на родилката Катица Стефанова.
Коцевски велејќи дека веќе има искуство да чека со денови за да го посети и му посака на првото новороденче да има безгрижно детство и да расне во среќно семејство додаде дека особено им е благодарен на медицинскиот персонал на одделението за вложениот напор и секако посветената грижа кон највредното нешто во животот а тоа се новороденчињата кои се раѓаат во велешката болница.
– Дозволете ми да им ја честитам новата година на вработените во велешката болница и да им посакам успех во работата потоа да им ја честитам успешната мисија на медицинскиот персонал на ова одделение за успешно породените две бебиња годинава, да посакам да има што повеќе раѓања и што повеќе здрави бебиња во 2019 година и да им порачам на Велешанки дека нашето јавно здравство е доволно квалитетно па затоа не треба да одат во приватни болници за породување. Ќе ги охрабрам со тоа што ќе кажам дека јас потребата од здравствени услуги ја барам од јавните здравствени установи во државата. Ќе ја искористам пригодата за да им посакам добро здравје, многу среќа и благосостојба, рече Градоначалникот Коцевски.
Првото Велешанче е исто така родено со царски рез што во 9:43 часот го изврши д-р Атанас Василев.
– Машкото бебе е тешко 3 килограми и е долго 50 см. Првиот царски рез мајката го имаше пред две години кога на свет донесе женско и еве денеска со втор царки рез машко бебе. И мајката и синчето се чувствуваат добро., рече д-р Василев.
И покрај тоа што надлежноста над ЈЗО Општа болница Велес е на централната власт сепак Градоначалникот Аце Коцевски рече дека општината може да помага како што тоа го стори со проширување на улицата Самоборска која води до здравствената институција и на тој начин овозможи подобар и побезбеден начин на одвивање на сообраќајот што е од особена важност за транспортот на пациентите кои се итни случаи. Тој најави помош и во делот на комуналната инфраструктура./У.Ј