Анѓушев: Државата ќе го санира мостот кај Башино Село, втор ќе гради кај Речани и ќе помогне општината од Езеро Младост да направи туристичка атракција
Мостот кај Башино село ќе добие регионален карактер и потоа ќе се обнови. Ќе се изгради уште еден мост што населбата Речани ќе ја поврзе со центарот на Велес, како и заобиколница која ќе се надоврзе на започнатиот пат Велес- Прилеп преку Бабуна. Езеро Младост ќе се полни од браната „Лисиче“ за што Владата веќе обезбедила 25 милиони евра. Од реализацијата на проектот се очекува да овозможи истовремено водоснабдување на населените места и наводнување на земјоделските површини, рече денеска пред велешките стопанственици и граѓани потрпретседателот на Владата за економски прашања, Кочо Анѓушев на трибината на Владата.
– Прво и основно сите го знаеме проектот што започна одамна за велешкото езеро Лисиче со идеја да се поврзе со Езеро Младост и тој некаде застана и никогаш не продолжи. Она што сакам да ви го кажам е дека се обезбедени 25 милиони евра во КFW банката за да се поврзат двете езера и попатно да се решат сите проблеми со водоснабдување и наводнување. Договорот ќе биде потпишан до крајот на годината и ќе започне имплементацијата. Државата досега многу малку направи за Езеро Младост а општината правела толку колку што можела. Затоа од ИПА фондовите е обезбеден грант за проектот „Смарт Езеро Младост“ на Општина Велес вреден над 1 милион евра, рече Анѓушев.
Потпретседателот на Владата за економски прашања додаде дека мостот кај Башино село по кој се пристапува до индустриската зона во населбата Шорка е запоставен и е опасен а во услови да се урне би придизвикал отцепување на еден дел од Велес и целиот сообраќај би се одвивал преку централното градско подрачје што би создал сериозни проблеми на градот.
– Тој пат поврзан со мост пред неколку години е преименуван во локален но општината не може да најде толку пари за да го санира. Затоа преку министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патшта ќе му го вратиме статусот на регионален пат а паралелно веќе градоначалникот на Велес подготвува проект за комплетна санација на мостот што ќе го сториме. Но и тоа не е доволно. Наместо да биде единствениот пат по кој ќе може да се влегува во Велес од северна страна течат преговорите за проектирање на уште еден мост кај населбата Речани и разговараме како може да продолжат работите на веќе започнатиот пат, сега заборавен, за Прилеп кој ставен во функција на обиколница околу Велес ќе ги поврзе околните индустриски зони и селата над Велес. Тоа не е прескапо за државата и таа може да го направи, додаде Анѓушев.
Тој е особено убеден дека претстојниот период ќе донесе голем број на бенифиции за државата по завчерашниот и вчерашен претстој на Светскиот економски форум во Давос.
– Можам да Ви кажам дека Македонија беше ѕвезда во давос. Многу е убаво чувството таму да сте добро видени, дека сите сакаат да Ви помогнат, не постоеше врата на која што тропнавме и не ни одговорија позитивно, финнсиските институции да прашуваат колку ви треба помош да направите држава, рече Анѓушев.
Тој на крајот констатираше дека Македонија мора да ја искористи укажаната шанса и одговори на десеттици прашања на стопанственици и граѓани./У.Ј