Анѓушев: Изберете професија што има занает, така ќе стекнете заработувачка и со труд ќе спечалите како за себе и така и за семејството
Стекнете вештини, научете занает , поттикнете ја желбата за работа и никогаш не се плашете да работите, им порача заменикот претседател на владата за економски прашања др Кочо Анѓушев на велешките гимназијалци на часот по бизнис и претприемаштво што го одржа со учениците од четврта година. Тој ги поттикнуваше преку личниот пример да го одсонуваат животениот голем сон на начин што прво сами ќе го изберат идниот позив, максимално ќе се посветат да го реализираат без да се плашат од порази но и да бидат подготвени да се соочат со секој пад, кој е неизбежен, и со секој нареден успех што ќе следи ако изберат занимање кое ќе им понуди да станат добри претприемачи. При тоа, генералниот совет што учениците го добија од стопанственикот др Анѓушев беше дека со добро научен занает никогаш не се останува со празен стомах.
-Прво се потсетив на моето време, кога јас пред триесет и две години бев на нивно место и дилемите што младите луѓе ги имаат кога треба да се определат професионално што ќе прават во животот. Моите препораки беа моето искуство и она што го поминав. Тоа е да бидат храбри, да не се плашат и да бидат расположени претприемачки. За да успеат им препорачав четири карактеристики: да стекнат вештини и да научат било каков занает, да поседуваат желба за работа и да не се плашат од работа, да сонуваат голем сон и да започнат голема работа и да бидат упорни. Никој од прв пат не успеал туку потребно е да се биде упорен и истраен. Јас емотивно сум многу задоволен што денеска еден час бев заедно со млади луѓе и слушајќи ги како размислуваат ми дадоа надеж дека во нашата држава ќе има иднина. Иднината е на младите луѓе кои ќе создаваат фирми, ќе креираат додадена вредност во државата бидејќи поседуваат ментален склоп за креирање. Тоа се постигнува ако се почне на нивна возраст, рече др Анѓушев.
Часот по бизнис и претприемништво траеше шеесет минути и учениците го направија да биде интерактивен. Тие му поставија на стопанственикот др Анѓушев неколку прашања поврзани со индустриски инжинеринг, менаџмент, машинство, како да се формира фирма и особено како да се развива бизнисот, како се справува со предизвици а како со ризици? Др Анѓушев одговори на сите прашања и даде совети. Притоа неколку пати сугерираше дека е најдобро да се одберат професии во кои занаетот е примарен и дава гаранција за добра заработувачка од која може добро да се живее и да се прехрани семејството што ќе се создаде.
-Часот, кој помина повеќе од планираните очекувања, е дел од неделата на претприемништво што во програмата за гимназиско образование ја содржи предметот бизнис и претприемништво. Годинава матурантите го направија изборот на гостинот и тие предложија да разговараат со вицепремиерот Анѓушев но како стопанственик кој ќе го изнесе животното работно искуство. Учениците се многу задоволни и часот наместо 45 траеше 60 минути, рече професор Мајнова.
-Се надевам дека учениците имаа што да слушнат и да разберат бидејки тој им ја сподели личната приказна која е успешна во делот на бизнисот и стопанството, рече директорот на Гимназија „Кочо Рацин“ Гоце Алексоски.
Часот по бизнис и претприемништво се одржа во петокот, на 1 март, во велешката гимназија./У.Ј