Велешката калдрма, откинатото парче душа на градот
Калдрмата е генијален изум на човекот за кој не се знае кога започнал да се применува, но благодетите на калдрмата конкретно во Велес им биле добро познати на велешани со векови наназад. Уште на почетокот на своето постоење Велес како град бил поплочен со калдрма, пред се поради својата местоположба и теренот на кој биле изградени неговите сокаци. Освен изборот на каменот, мајсторите внимавале и на распоредот и големината на материјалот, а честопати подобрите мајстори внимавале и на распоредот и бојата на камењата кои биле употребени.
Значи, калдрмата освен практична улога имала за цел и да ја разубави улицата, дворот, патот. И така било со векови.
Денес во Велес постојат едвај една до две улички кои ја чуваат калдрмата. Велат, немало веке мајстори за калдрма?! Во тоа не верувам, но ако сакаме да зачуваме автентичност на некој староградски сегмент, треба особено да внимаваме на калдрмата.
Сега ќе Ви пренесам една подзаборавена прикана за велешката калдрма, за да се уверите во нејзината историска, градителска , но и исклучителна духовна вредност.
Имено, кога Андреа Дамјанов ја довршил велешката соборна црква „Свети великомаченик Пантелејмон“ сите биле радосни и задоволни. Црквата била опшиена со ѕид наоколу, а според договорот внатре била наредена калдрма. И се би било во ред ако пристапниот пат до црковната порта неколку пати не го однеле големите порои кои од Вршник и Мегдан се спуштале удолу и буквално го прекопувале земјениот пат. Понекогаш и пеш било тешко да се стигне до црквата.
Пари во црковната каса немало. Болести, даноци, рушвети, несигурност и сиромаштија ги погодувсле велешани. Те велеле: „Црква направивме, ама не и пат до неа!“. И повторно се собрале и како одговорни христијани одлучиле доброволно, секој што сакал и можел да допринесе доброволно да се реши проблемот со патот.Теренот го трасирале и го поделиле на 20 – 30 фамилии кои решиле со доброволна работа (кулук) или со плаќање на мајстори да го завршат својот дел од работата на патот.
Се носеле камења од Тополка и Вардар со помош на „тезгериња“ ( дрвени носилки од штици со рачки). Секоја фамилија си ја наредила калдрмата на својата „тафта“ и како знак за распознавање, во долниот десен агол си поставила знак – посебно распоредени камени симболи, за да се знае чиј дел бил од калдрмата. А кога калдрмата ќе се раскопала веднаш бил известуван домаќинот, чиј дел бил оштетен, за тој во најскоро време сам или со помош на мајстори да го поправи! Така старите велешани ги решавале овие комунални проблеми, на општо задоволство на сите.
Калдрмата сега е покриена со бекатон плочи оти било подобро така, колите не ќе се кршеле…И немало веќе мајстори за калдрма!!
За среќа, калдрмата остана под слојот од бекатон. Веројатно некој и некогаш ќе пронајде мајстори и ќе ја пререди калдрмата онаква каква била од памтивек. Дотогаш нека мирува и нека ги чува тајните знаци на старите велешки фамилии кои духовното и практичното го споиле во велешката историја и калдрмата. За навек!
За крај да споделам со Вас и да Ве потсетам на некои години и моменти во врска со Соборниот велешки храм „Свети великомаченик Пантелејмон“, посветена на светецот, заштитник на град Велес:
– Црквата е осветена на 9 август 1840 година од Владиката Игнатиј и поп Грујо
– Во 1847 година во целост е завршена црквата и две години подоцна е поставено клепалото.
– Камбанаријата на црквата е направена 1904/5 година.
– Во 2004 година е променета покривната конструкција , а во 2006 година се реновирани 12 носечки столбови во внатрешноста на црквата.
– Во 2010 година карпа го оштети горниот ѕид на црквата, без последици за самиот црковен храм.
Паметете и раскажувајте.
Љупчо Данов