Вистинската приказна за песната ,,Ленка“ на Коста Солев Рацин
Велес бил индустриски и град на работници. Во периодот помеѓу двете световни војни се подигнати првите фабрики па заживеало и работничкото движење. Експлоатацијата на работниците била голема, а бунтот за работничките права и вистини е најсилен во поезијата на нашиот сограѓанин , поетот Коста Солев Рацин.
Приказната за девојката Менка ја слушнав од мојот професор по македонски јазик и литература во Гимназијата ,,Кочо Рацин“во Велес, професорот Киро Костов. Тој беше добар познавач на Рацин и на неговите другари. Професорот лично ги познаваше. Костов често ни раскажуваше за грнчарството како занает, но и за јазикот на кој творел Рацин, за неговата поезија.
Многу пати беседев со професор Костов на теми од рациновата поезија, за делата на Рацин познати и непознати. Тој издаде и две книги за Рацин кои беа вредни четива за мене и од кои многу научив за поетот.
Во трета година на еден час по македонски јазик, професор Костов дојде малку растревожен и возбуден и ни раскажа за случајната средба со некоја постара жена која му ја раскажала приказната за девојката Менка, за која веројатно Рацин ја напишал и својата најубава лирска песна „Ленка“.
„Ленка“ првобитно била напишана и насловена како Менка !! Таа била создадена врз основа на вистинска случка која се случила непосредно до маалото на Рацин. Но, поради респект кон фамилијата на девојката, Рацин подоцна песната ја преименувал и ја насловил како ,,Ленка“.
Според Костов приказната течела отприлика вака:
,, Менка полека ги отворила очите и се загледала во муграта. Муграта била црвена, алова. Време било веќе да се стане. Се облекла и брзо го собрала одвечер спременото врзопче. Се измила на чешма, ја собрала набрзина русата коса во плетенка и истрча пред порта. Нејзините дугарки веќе итале по сокакот кон Солено чешмиче. Не прозбореле ништо по патот, до Сармаале. Потоа по угорнината тргнале кон Монополот, надвор од градот. Малите и неугледни дуќанчиња се буделе полека; отворале фурнаџиите и ги поставувале првите сомуни со леб на тезгите. Чираците веќе метеле пред дуќаните. Некои ја ваделе стоката на излогот, а мајсторите полека се мешколеле и протегнувале та, секогаш во ова време девојките и младите невести поминувале, па имало и што да се види: убавици на налани брзале по калдрмата, срамежливо погледнувајќи под око кој се пули по нив.
Менка била убава, бела ленена кошула, шарено елече и фута опашана преку раскошните бедра. Висока и стројна, зафаќала големи чекори. Права убавица.
Се загледувале сите по неа, ама се знаело дека таа му се таксала на Митрета од Бричкова.Тој или никој друг! Така велела.
А и Митре ја посакувал ама, сиромавиот имал едно мало куќарче со две собинчиња. Тој, мајка му и двајцата помали браќа – уште сега невеста му фалела! Сиромаштија! Пуста сиромаштија. Живеел за љубовта кон Менка. И таа за него. Сите воздивнувале кога тие двајцата ке се фателе на орото на Којник, за некој празник. Ќе се фателе на оро и како ли само играле!! Какво било тоа оро, со љубов проткаено! Сите велеле, тие се родени еден за друг !
Менка , кога не одела на работа во Монопол, седнувала на разбојот и ткаела. Била полна со мирафет, како баба и Руса. Татко и отишол на гурбет и не се вратил, а нејзината мајка Сута живеела само за неа. Таа и била се` во животот. Ама, сиромаштија ! Едвај крај со крај врзувале. Султана била осакатена во младоста од една машина во фабриката за талк и добивала мала пензија. Таа везден само седела на разбојот и ткаела. Го научила тој занает одамна, како дете. И покрај тоа, едвај крај – со крај врзувале. Затоа, Менка морала многу млада да бара работа. Само Монополот и останал – и тутунот. Поминало летото, Менка го спремала чеизот. Се договориле со Митрета да живеат отпрво кај мајка и`, на Солено чешмиче. И Бричкова чешма не била далеку, ќе може да ја посетуваат катадневно мајка му. Така барем планирале.
Но, со првите есенски утра, се родил сомнежот. Менка наутро се будела со силна кашлица, со лесна температура, која и` ја сушела устата. Градите ја болеле и тешко дишела. И еден ден, како што бидува, искашлала – крв! Знаеле од приказите што значи тоа.
Митре ја натерал да одат кај доктор Ташевиќ. Било веќе доцна! Така им рекол докторот. Туберкулозата земала замав. Тој и препишал лекови, ама пари немале. Скапи биле лековите.
Менка пиела чај од некои тревки, ама се гледало дека од ден во ден слабее и венее. Дури и кожата и стана бледо-жолта. Се топела.
Тагувале сите. Митре не можел да си дојде на себе. Зошто , порано не ја однел на лекар, ама , кој да знаел, судбина било!!
И набргу Менка легнала на постела, жолтите отрови полека ја полнеле нејзината крв . Усните и се свиле кораво, веѓите паднале надолу . Снагата и се стопила, овенала. Со првите есенски дождови, едно октомвриско утро, таа му починала на нејзиниот Митре на рацете.
Кошулата останала на разбојот – недоткаена!! А, требало да биде даровна.“
Си земав за право да ја прераскажам приказната слушната од професор Костов, кој со многу жар и емоции ни ја долови трагичната судбина на една генерација велешани, млади луѓе што на свој грб ја почувствувале црната страна на животот, на безмилосната експлоатација.
Ова приказна беше поттик, во 2015 година, велешката актерка и режисер Весна Димитровска Бобевски, со дел од младите глумци на Драмското студио „Словото“, да режира и сними краток документарно – игран филм, насловен како ,,Вистинската приказна за Рациновата Ленка“ во траење од 5 минути и 30 секунди.
Филмот беше промовиран и неколку пати емитуван во разни пригоди во Велес, по повод Детски Рацинови средби, во склоп на Рациновите средби во родната куќа на поетот, но и во други пригоди надвор од Велес, како потсетување дека велешани никогаш не го заборавиле Рацин.
Да го запознаеме Рацин за уште повеќе да го почитуваме… и не само велешани.
Љупчо Данов