Општината доби месечна понуда од 7.371,30 евра за враќање на култниот Офицерски на велешани
Скоро пет пати повисоката од првично понудена цена од 1.250 евра за месечна закупнина на Офицерски, на вчера, среда 19 февруари 2020 година, е излицитирана на јавното наддавање и зборува дека објектот што се наоѓа до главната улицата „Благој Ѓорев“ бр. 1 во Велес не ја изгубил атрактивноста ниту по деценија ставен катанец на влезна врата.
Педесет и четири минути трите фирми, „Романтик хотели“, „ЦиГ група“ и ДТПУ „Нексус компани“ ДООЕЛ Велес воделе битка со пари. Во неа победник е ДТПУ „Нексус компани“ ДООЕЛ Велес со понудена највисока месечна цена или наместо 1.250 евра дури 7.371,30 евра. Оваа велешка фира е избрана како најдобар понудувач што преку јавно приватно партнерство со општина Велес ќе треба да му ја врати старата намена на култното место во градот.
– ДТПУ „Нексус компани“ ДОО Велес понуди највисока цена од 5.440,000,00 без ДДВ на годишно ниво. Претворено во евра износот е 88.455,30 ЕUR без ДДВ на годишно ниво или месечниот надоместок за општина Велес би изнесувал 7.371,30 ЕUR без ДДВ.Договорот предвидува јавно приватно партнерство за реконструкција, ревитализација, оперирање, управување и одржување на Офицерскиот дом, рече градоначалникот Аце Коцевски.
Сега во рок од 30 дена Советот на општината треба да ја верификува понудата на ДТПУ „Нексус компани“ ДООЕЛ Велес по што треба да следи уплата на средствата во буџетот на општината и да се стекне со правото на закупувач.
Потоа ќе треба да започне постапката на реновирање на објектот, составен од приземје, кат и поткровље и секако во уредување на дворното место што сега се користи како парковска површина. Офицерскиот дом во Велес се наоѓа на атрактивна парцела лоцирана до главната улицата „Благој Ѓорев“ бр. 1 со вкупна површина од 2663 м2.
Инаку општината го понуди Офицерски со годишна закупнина од 15.000 евра во наредните 20 години. /У.Ј