Меѓу новозаболените четворица велешани од Ковид 19 е и една лекарка, додека двајца сограѓани се оздравени
11.06.2020
Со четворицата новозаболени велешани, во последниве 24 часа, вкупната бројка се искачи на 149 заразени во градот. Статистиката на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје покажува дека од почетокот на епидемијата до денеска 110 велешани се излекувани од заразното заболување, 10 починаа и активни се 29 случаи.
Денеска на Инфективното одделение во велешка болница се лекуваат 10 пациени, на домашно лекување се 14 додека поради компликации на здравствената состојба тројца се пренесени на лекување во ГОБ „ 8 Септември“ во Скопје и по еден на Инфективната клиника во Скопје и во државен карантин поради утврдување на заболувањето при влез во државата.
-Сите 10 пациенти на Инфективното одделение во велешка болница се во добра здравствена состојба, нема пациенти на кислородна поддршка. Една медицинска сестра се наоѓа во изолација. Оценките на Здравствен дом се дека состојбата е сериозно подобрена во однос на претходниот период и затоа тие започнале со редовни активности од нивна надлежност кои претходно беа прекинати бидејќи има голем притисок за издавање на лекарски уверенија за возачки испит, над 100 барања, согласно протоколите. Позитивна на Ковид 19 е и една докторка од приватна здравствена установа, додаде Коцевски.
Градоначалникот ја пренесе оценката на состојбата со коронавирусот во Велес на Општинскиот Кризен штаб кој констатирал дека е стабилна и позитивна. Затоа, како што рече, донесена е одлука за олабавување на дел од мерките.
-Малото пазарче и понатаму ќе биде затворено. На главниот градски пазар ќе се дозволи продажба и на земјоделски и на текстилни производи без никакви ограничувања со ставање во функција на сите тезги затоа што на тој начин вкупниот број на купувачи ќе се распределат на повеќе продажни места за да се намали можноста од пренесување на вирусот доколку има такви граѓани. Ги задолживме вработените од ЈКП Дервен да прават многу поголема контрола од досега на носењето маски и држењето на социјална дистанца како од купувачите така и од продавачите, додаде Коцевски.
Со решение на државниот санитарен и здравствен инспекторат, министерството врши контрола на лицата кои се наоѓаат во изолација. Вкупно 59 лица се во изолација, а 37 лица се со изјава за самоизолација и сите ги почитуваат мерките и протоколите.
28 лица се наоѓаат во Хотел „Монтенегро“ во Велес во државен карантин, а обезбедувањето го вршат припадници на министерството за внатрешни работи и на армијата.
10 жители на Велес и велешко се сместени во други државни карантини низ територијата на земјата./У.Ј