Планинарскиот „Марш за Рацин“, годинава еднодневен и со намален број на учесници
11.06.2020
Во услови на епидемија на Ковид 19 само десетмина учесници годинава, во среда на 13 јуни, ќе бидат дел од востановената иницијатива „Марш за Рацин“. Тие се планинари, вљубеници во природата и почитувачи на ликот и делото на Кочо Солев Рацин.
Годинешната маршута на марот е еднодневна и ќе се реализира на релација од село Извор, кичевско, преку Лопушник до врвот Стог. Учесниците при движењето во планина, според препораките и важечките мерки за заштита од коронавирусот, ќе се поделат во две групи од по пет учесници додека во општинскиот автобус, за доаѓање до стартната позиција на маршот, што е дел од поддршката на Општина Велес, исто така ќе се превезуваат на безбеден начин со заштитни маски и држејќи социјална дистанца според правилата и насоките за безбедност од инфективното заболување.
Општина Велес обезбеди и финансиска поддршка.
Оваа иницијатива – „Марш за Рацин“, лани се реализираше на релација Велес – Лопушник – Велес и ја поттикна неформална група на ентузијасти, планинари, кои се членови на граѓански организации од Велес како и почитувачи на ликот и делото на великанот Коста Солев Рацин. Тогаш во маршот учествуваа близу 100 учесници на старт додека целосната должина на маршутата што изнесуваше 180 км ја изодија 13 учесници. Тие се веќе поканети за учество и годинава.
-Годинава, во маршот свое учество преку самоиницијативно приклучување најавија и членови на планинарскиот спортски клуб „Бистра“ од Кичево, рече Игор Смилев еден од иницијаторите на маршот./У.Ј